Лидерот на израелската конзервативна Ликуд, Бенјамин Нетанјаху, победничката партија на последните избори, го обвини „Њујорк Тајмс“ за децениска демонизација на Израел, откако весникот во своето викенд издание предупреди дека очекуваната нова цврста влада на Нетанјаху ќе биде опасност за демократијата во оваа земја.

Во кратка порака на Твитер, Нетанјаху синоќа објави дека „Њујорк Тајмс“ со години објавува написи за холокаустот на своите последни страници, а сега срамно повикува на поткопување на избраната влада што треба да стапи на должност.

„Њујорк Тајмс“ во уводникот од саботата „Идеалот за демократија на еврејската држава е загрозен“ оцени дека иако Нетанјаху победи на фер избори, далекусежната моќ што им ја нуди на своите ултрадесничарски и ултраортодоксни партнери претставува вистинска закана за демократските вредности.

– Додека „Њујорк Тајмс“ продолжува да ја делегитимира единствената вистинска демократија на Блискиот Исток и најдобриот пријател на Америка во регионот, јас ќе продолжам да го игнорирам неговиот лошо втемелен совет и место тоа ќе се фокусирам на градење посилна и попросперитетна земја, зајакнување на врските со Америка, ширење на мирот со нашите соседи и обезбедување иднина за единствена еврејска држава, напиша Нетанјаху.

Управниот одбор на „Њујорк Тајмс“ во уводникот изјави дека е силен поддржувач на Израел и решението за две држави за израелско-палестинскиот конфликт и дека тоа и натаму ќе биде, но дека владата во доаѓање на Нетанјаху е сериозна закана за иднината на Израел – неговата насока, безбедност, па дури и идејата за еврејска татковина.

Покрај тоа весникот коментира дека идната влада означува квалитативен и алармантен прекин со сите други влади за 75-годишното постоење на Израел и ја отфрла оценката дека победата на блокот на Нетанјаху, во сооднос 64 со 56 пратенички места, му дава мандат за отстапки за ултра-религиозните и ултра-националистичките партии.

Исто така, се оценува дека позициите на новата влада може да го оневозможат военото и политичкото решение засновано на моделот на две држави и ја повикува американската администрација да направи се што може за да изрази поддршка за општество во кое владеат исти права и владеење на правото.

– Тоа би бил чин на пријателство во согласност со длабоките врски меѓу двата народа, се заклучува во уводникот на редакцијата.