Нетрпеливоста помеѓу премиерите на Албанија и Косово, Еди Рама и Рамуш Харадинај, која е присутна подолг период поради поддршката на Тирана на ставовите на косовскиот претседател Хашим Тачи, посебно околу идејата за „корекција на границите“, дополнително се продлабочи по Берлинскиот самит, јави МИА.
Харадинај тогаш изјави дека Рама бил меѓу оние што вршеле најголем притисок врз косовската Влада за укинување на царината од 100 проценти за производите од Србија и Босна и Херцеговина.
Таа поделба ја потврдуваат и последните средби остварени во Тирана. Така, Тачи денеска во Тирана се сретна со Рама, откако синоќа Харадинај имаше средба со албанскиот претседател Илир Мета.
– Овие настани доаѓаат во момент кога преговорите меѓу Приштина и Белград стагнираат, но и во момент кога постојат најави што укажуваат на тоа дека договор (меѓу двете страни) може да биде постигнат во текот на оваа годна, констатира тиранската телевизија Ора Њуз.
Околу средбата со албанскиот премиер, Тачи на Фејсбук објави дека „како и секогаш, задоволство е да се сретнеш со премиерот Еди Рама”. Тој понатаму во објавата нагласува дека разговарале за актуелната политичка ситуација во Косово, Албанија и регионот, како и за подготовките на Косово за Самитот во Париз.
На Самитот во Париз, кој ќе го организира францускиот претседател Емануел Макрон, се очекува посебно внимание да биде посветено на дијалогот меѓу Приштина и Белград.
На синоќешната средба на Мета и Харадинај, пак, станало збор „за заедничките предизвици со кои се зајакнуваат односите меѓу двете земји и заедничката европска перспектива“.
Инаку, иако и Рама и Харадинај вчера беа во Тирана тие сепак не присуствуваа на шестата заедничка седница на владите на двете земји, па со неа раководеа вицепремиерите на Албанија и Косово, Ерјон Браче и Фатмир Лимај.