По бурна 22-часовна парламентарна расправа, што траеше цела ноќ, чешката опозиција не успеа да изгласа недоверба на коалициската влада на премиерот Петр Фијала, која од лидерот на опозицијата, поранешниот премиер Андреј Бабиш, беше обвинета дека е „национална катастрофа“ и дека не им помага на граѓаните во енергетската криза.
Владата, која беше назначена минатата есен, во Претставничкиот дом има мнозинство од 108 пратеници од вкупно 200 пратенички места, а за нејзиното останување денеска гласаа 100, додека 84 пратеници од опозицијата беа за тоа кабинетот на Фијала да остане без доверба и да се распишат вонредни парламентарни избори.
– На Чешка и се заканува енергетска апокалипса, тотален колапс на економијата и масовни социјални немири. Човек нема да мора ни да се исклучува бидејќи ќе нема струја, кажа лидерот на опозициската партија АНО, Андреј Бабиш, во дебатата за гласањето недоверба на владата.
Лидерот на радикалните националисти, Томио Окамура, ја обвини владата дека е „украинска“, а не чешка, бидејќи се грижи за Украина и нејзините бегалци, дека не им помага на Чесите, чии цени на енергијата се зголемија, инфлацијата се зголеми и дека се чека на некое непостоечко европско решение.
– Заедничкото европско решение е блебетање без врска со реалноста и нема да им помогне на чешките потрошувачи. Патот за излез е Чешка да обезбеди евтини извори на нафта и гас и државна контрола на цените на енергијата. Владата е паразит на високата цена на енергија и од државниот буџет ја субвенционира американската воена индустрија или Украина на штета на чешките граѓани и фирми, рече Окамура.
Премиерот Фијала ги обвини претходните влади, особено таа на Бабиш, дека дозволиле Чешка да стане речиси целосно зависна од рускиот гас и дека се покажало дека трошоците за борба против пандемијата на Ковид-19 биле само половина од сумата за која заради пандемијата владата на Бабиш ја задолжила државата.
– Каде се тие пари? Каде отидоа? Зошто не задолживте и подгревавте инфлација? Пролетта имаше реална закана дека Чешка ќе остане без гас во текот на зимата бидејќи претходните влади дозволија целосна зависност од руски гас. Сега магацините за гас се полни 85 проценти. Сега ги исправаме грешките на претходната власт, рече премиерот Фијала.