Продолжува неизвесноста за вработените кои се уште не се вакцинирани против Ковид-19. Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) е против барањето за тестирање на невакцинираните работници на свој трошок, а за коморите е неприфатливо претпријатијата да плаќаат за тестирање за оние кои не сакаат да се вакцинираат. Владата, пак, одлука за невакцинираните ќе донесе на наредната седница.
– Законот за работните односи и Законот за безбедност и здравје при работа во ниедна своја одредба не укажуваат на ваквата можност, напротив секое барање и инсистирање на работодавачите во врска со здравствената состојба на работниците изречно во законите е наведено дека е на трошок на работодавачите, велат од ССМ.
Оттаму нагласуваат дека нема да дозволат непочитување на законите и нивно произволно толкување, а со тоа и создавање на целосна правна несигурност на работниците и граѓаните.
Од Сојузот на стопански комори потенцираат дека е целосно неприфатливо товарот за задолжително тестирање за оние кои не сакаат да се вакцинираат со бесплатни вакцини да падне на претпријатијата, зашто, како што посочуваат, тие и така се наоѓаат во лоша финансиска состојба со сериозно намалена ликвидност, бидејќи голем дел од обврската за да се задржат вработените и да се одржи деловната активност во услови на криза е токму на работодавачите. Велат, ако Владата да ја спроведе оваа мерка, тогаш би требало и трошокот да биде на нејзин товар.
–Со најавената задолжителна вакцинација во приватниот сектор се добива впечаток дека проблемот се префрла од Министерството за здравство кон деловните субјекти. Во услови кога не е спроведена целосна вакцинација на медицинскиот персонал, потребна е сериозна кампања на Министерството за здравство преку која ќе се споделат релевантни информации за вакцините и ќе им овозможи на луѓето секој индивидуално да донесе одлука базирана на факти, велат од ССК.
Стопанската комора на Македонија, пак, неодамна предложи сите невакцинирани работници од јавниот и приватниот сектор еднаш неделно да прават тест против Ковид-19, но тоа да бидат брзи евтини тестови што работниците сами ќе ги плаќаат и побара од Владата да ги замрзне цените на брзите тестови.
Владата, пак, на наредната седница ќе одлучува за мерките за невакцинираните што ги предложија Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, со кои се предвидува сите вработени во јавниот сектор да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа што ќе биде направен на сопствен трошок. Оние кои го прележале вирусот ќе треба да приложат потврда за прележан Ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист. Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници, а мерките треба да стапат во сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за граѓаните да имаат време да се вакцинираат и 30 дена за здравствените работници кои се уште не се вакцинирале. Одлуката првично требаше да биде донесена во вторникот, но нејзиното носење беше одложена по автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 наши државјани и прогласувањето тридневна жалост во државата.
Синдикатите на средба со ресорниот министер Венко Филипче побараа два платени слободни дена по вакцинацијата, ПЦР тестирањето за оние кои не сакаат да се вакцинираат да биде на трошок на работодавачот, како и да биде продолжен на 15 дена рокот кога ќе почнат да важат мерките, наместо 10 дена како што предлага Комисијата за заразни болести. Нивните барања според најавите треба да бидат разгледани на седница на Владата.
Во меѓувреме Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во неделниот извештај за состојбата со коронавирусот во земјава во минатата седмица во споредба со претходната бележи намалување од 8,9 отсто на бројот на новозаразени од Ковид-19.
Од 15 до 21 ноември од Ковид-19 заболеле 2.929 лица, што е за 288 помалку од периодот меѓу 8 и 14 ноември. Минатата недела се тестирани се 19.791 лица, за 7,3 отсто помалку од претходната седмица. Процентот на позитивност се движи од 11,6 до 16,9 отсто, а просечно 14,8. Пријавени се 91 смртен случај, најмногу од возрасната група над 60 години, а евидентирани се и 2.855 оздравени лица. ИЈЗ регистрирал и 49 реинфекции.
Последниот 24-часовен биланс, пак, покажува нови 442 случаи со Ковид-19, 373 оздравени пациенти и пет починати, сите во болнички услови, од кои најмладиот на 57, а најстариот на возраст од 84 години. Дополнително, согласно регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од „Мој Термин“ се пријавени пет починати лица со датум на смрт од 11 до 22 ноември на возраст од 65 до 86 години, од кои едно лице е починато во домашни услови, а четири во болнички услови.
Досега во земјава се направени вкупно 1.456.023 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 213.307, бројот на оздравени пациенти е 197.493, на починати е 7.474, а на активни случаи изнесува 8.339. Според епидемиолошки анализи во моментов, најмногу активни случаи 3.832 има во Скопје, а најмалку само два во Дојран.
Ситуацијата со новозаболени со Ковид-19 во Европа продолжува да биде загрижувачка. Заради тоа директорката на Европската агенција за јавно здравје, Андреа Амон, вчера изјави дека треба да се размисли дополнителни дози на вакцината против Ковид-19 да им се даде на сите возрасни, а приоритет треба да имаат оние над 40 години, што е голем пресврт во упатствата на агенцијата. Препораките на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) не се обврзувачки за земјите-членки на ЕУ, но се користат при одлучувањето. Третата доза од вакцината против Ковид-19 да се смета за услов за безбедно патување во рамките на Европската Унија за граѓаните над 60-годишна возраст и ова да се одрази и на европскиот дигитален сертификат, предложи и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во писмо до претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен.
Холандската Влада најави дека ќе воведе нови рестриктивни мерки поради рекордниот број на заразени случаи и ситуацијата во која болниците се обидуваат да се справат со новиот бран на коронавирусот. – Стапката на инфекција е поголема од кога било. Приемите во болница ги надминаа нашите очекувања и се уште не сме го виделе најлошото, истакна вчера министерот за здравство Уго де Јонг во Парламентот. Во болниците низ Холандија има околу 500 пациенти со коронавирус на интензивна нега, а вкупниот капацитет е 1.066, соопшти организацијата која врши интерклинички транспорт.
Рекордни 12.637 новозаразени случаи со Ковид-19 вчера се потврдени во Унгарија, каде починале 176 лица. Во Русија се регистрирани 33.558 нови случаи на коронавирус, што е најмал број новозаразени во последните 40 дена, додека вкупниот број на заразени достигна 9.434.393 случаи. Се намалува и бројот на смртни случаи од последици од Ковид-19, по неколку недели рекордни бројки вчера се регистрирани 1.240 починати пациенти.
Еден Словенец, пак, примил 23 вакцини против Ковид-19, што е рекорден број. Зад неговиот рекорд не стои страв од инфекции, туку тој примал вакцини за пари во име на други луѓе.