Дојде време Македонците, и сите граѓани на Македонија, да го платат „данокот на подвигот“ на бившиот премиер Зоран Заев, во чие време беше сменето уставното име на Република Македонија, за што претходно се колнеше дека тоа никогаш нема да се случи.
А кога, сепак, тоа се случи со потпишувањето на договорот во Нивици, дека граѓаните на Македонија со придавката Северна нема да бидат засегнати. Но, Заев го нема на политичката сцена, придавката ни остана, а поради неа и обврската на свој трошок граѓаните да ги заменат сите документи најдоцна до почетокот на идната година.
Министерството за внатрешни работи одреди дека 12 февруари 2024 година е последен датум до кога може да се користат личните документи на кои стои старото име „Република Македонија“.
Тие нема да важат по 12 февруари 2024 година, според Преспанскиот договор, велат од МВР.
Граѓаните ќе мора да ги променат пасошите, личните карти и возачките дозволи во рок од шест месеци.
Од 13 февруари 2024 година не може да се помине границата со пасош на кој стои старото име, а исто така полицијата може да ви пише казна ако вашата возачка дозвола не е со името „Република Северна Македонија“, велат од МВР за РСЕ.