Не сум ја видела анкетата на ИПИС за да коментирам, и ако не се лажам тоа беше Институтот за кој вашите колеги констатираа дека 480.000 евра имаше добиено само од МТСП, и истата таа aгенција беше искористена за да направи добар вовед за насилството од 27 април кога неколку недели пред насилните собирања пред Собранието образложуваше дека граѓаните биле во право, рече заменик-претседателот на СДСМ, Радмила Шекеринска по прес-конференцијата во седиштето на партијата, одговарајќи на новинарско прашање за анкетата на ИПИС.

Имам дилеми, посочи Шекеринска, околу агенции кои и сега и според отворени финансии се потврдува колку профитирале од претходната влада.

– Мислам дека тие дилеми се оправдани, како што се сеќавам во еден период каде што ВМРО-ДПМНЕ на сите такви анкети водеше 3:1 и па изборите никогаш не ги потврдуваа. Сметам дека во неделата кога го забележуваме историскиот успех на кој не се израдува само раководството на ВМРО-ДПМНЕ, мене ми е јасно дека потребно им е нешто што ќе го покрие успехот, а малку и ќе го покрие срамот кои го видовме со свои очи, а тоа е како првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ едно зборува година дена, а друго збори пред Борисов и пред ЕПП. Ако е за тоа може и затоа 480.000 евра, државни пари, изгледа биле оправдана инвестиција, додаде Шекеринска.

Според резултатите од анкетата на ИПИС спроведена во периодот меѓу 2 и 6 декември на 1.121 испитаници, рејтингот на СДСМ е 17,5 проценти, додекаа партијата во јуни имала рејтинг од 19,5 отсто, а во септември 18,1 отсто.

Резултатите од анкетата покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ има поддршка од 21,4 отсто, додека таа во јуни била 21,2, а во септември изнесувала 21,1.

Поддршката, пак, за ДУИ овој месец е 4,9 отсто, во јуни била 4,6 отсто,а во септември 4,5 отсто.