Ослободителна пресуда за случајот „Кампања“ доби Љубе Бошковски, откако беше повторено судењето.
Кривичниот суд утврдил дека немало недозволено финансирање на кампањата на неговата партија на изборите во 2011 година.
– Се ослободува од обвинение. Трошоците за кривичната постапка се на буџетот на Република С. Македонија, кажа судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ.
Пресудата беше поздравена со аплауз во судницата.
– Судот не утврди дека Бошкоски примил парични средства за финансирање на изборната кампања за парламентарните избори 2011 година, што би претставувало недозволено финансирање на изборната кампања, а е суштествен елемент кој мора да постои, вели судијката.
Случајот „Кампања“ се суди по вторпат бидејќи Европскиот суд за човекови права пред две години пресуди дека на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски му биле прекршени правата на фер судење по обвинувањето за нелегално финансирање на неговата партија Обединети за Македонија. Новото судење беше по барање на Бошкоски како обвинети.
Бошкоски беше уапсен на 6 јуни 2011 година, ден по парламентарните избори, пред ресторанот „Воденица“ во Скопје, под сомнение за нелегално финансирање на изборната кампања. Во 2014 тој беше осуден на пет години затвор. Во 2016 година тој излезе од затворот во Идризово каде што ја отслужуваше казната.
– Времето не може никој да го врати, тоа е минато време. Ги охрабрувам македонските судови и судии при одлучувањето да ги земаат во предвид сите докази, а не да влегува политиката во судниците. Денеска бевме сведоци дека во сиот период бев изложен на полициско-политичко монтирани процеси кои завршија со победа на правдата, изјави Бошковски по соопштената пресуда.
Тој најави дека останува во политиката оти, како што рече смета дека „уште можам да придонесам за Македонија“.