И моето дете има право да конкурира и да биде примен на работа, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери на брифингот со новинарите.

Ова се случува откако беше обелоденето и по реакциите во јавност за изборот на неговиот син Барлет Џафери за јавен обвинител.

Таткото Талат Џафери вели дека поради неговата позиција е на удар од јавноста.

За предметот на Антикорупциска на неговиот син, Џафери вели дека има донесено одлука, односно нема покренато постапка.

– Јас сум свесен дека моето семејство е на удар на јавноста поради функцијата што ја извршувам. Сензацијата секогаш е поголема кога станува збор за дете на висок функционер. Но, како и сите други, и моето дете има право да ги користи сите права, да конкурира и да биде примен на работа, изјави денеска Џафери на средбата со новинарите коментирајќи ги информациите дека неговиот син е на листата меѓу кандидатите што ја завршија Академијата за судии и јавни обвинители.

Тој се осврна и на предметот што го отвори Антикорупциската комисија во врска со неговиот син, Барлет Џафери.

– Антикорупциската комисија имаше постапка и таа е запрена, односно не можеше да се утврди злоупотреба од страна на син ми. Работата на институциите е друга работа и тоа не не засега ни мене ни мојот син,
рече Џафери.

Името на Барлет Џафери ја брануваше јавноста кон крајот на 2022 година, кога Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) објави дека се здобил со право да полага правосуден испит во 2015 година, иако сè уште не бил дипломиран.

Подоцна Барлет Џафери беше примен на Академијата за судии и јавни обвинители, која вчера ја објави ранг-листата на кандидати што го положиле испитот. Тоа се идните судии и обвинители, а меѓу нив е и синот на претседателот на Собранието.

На листата од 58 кандидати, 30 положиле за да бидат судии, а 28 за јавни обвинители и на неа може да се пронајдат имиња на блиски роднини на функционери, актуелни и поранешни обвинители и судии.