Метеоролошките предвидувања и најавите за невообичаено високите температури за овој дел од годината, но и за да се избегнат гужви и пренатрупаност на градските плажи, беа доволни за грчките власти да донесат одлука од денеска да се отворат 515 организирани плажи во цела Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас во четвртокот рече дека отворањето на плажите „ќе биде важен тест што треба успешно да го поминеме“, а заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас вчера порача дека „овие два дена се голем облог дека секој од нас знае што треба да прави“, споменувајќи ги упатствата за индивидуална заштита.
Сопствениците на организираните плажи во изминатите денови интензивно работеа на подготовките за денешното отворање, за да се запазат новите и строги правила и прописи, бидејќи во случај на прекршување, предвидени се и строги казни.
Плажите ќе работат од осум часот наутро, а ќе постои контрола на влезот и регистрирање на бројот на посетители. Дозволени ќе бидат 40 лица на 1.000 метри квадратни.
Минималното растојание помеѓу оските на чадорите треба да биде четири метри и еден метар меѓу периметарот на сенката на двата чадори.
Дозволени се две лежалки на еден чадор, со исклучок на семејствата со мали деца, додека пак растојанието меѓу лежалките од два различни чадори треба да биде еден и пол метар.
Кафулињата и баровите на плажите ќе работат исклучиво со продажба на пакувани производи и кафе и тоа за носење, а забранета е продажба на алкохолни пијалоци.
На вработените им се препорачува да носат маска, а се обврзани да ги дезинфицираат лежалките по секој посетител.
На плажите ќе биде забрането тимско спортување со физички контакт, а сите посетители треба да го држат и потребното растојание.
За непочитување на новите правила и мерки, предвидени се казни од 5.000 до 20.000 евра, во зависност од големината на плажата, како и затворање на 30 дена. Во случај на втор прекршок, казната е тројно поголема.
Освен плажите, важен тест за однесувањето на Грците и индивидуалната одговорност ќе бидат и црквите кои утре ги отвораат вратите за литургиите со присуство на верници.