Во Општина Штип денеска заседаваше кризниот штаб за заштита и спасување, со цел да се преземат превентивни мерки, но и да се информира населението при појава на поплави или други проблеми од најавеноото невреме.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски истакна дека општината заедно со двете јавни претпријатија од денеска е подготвена за секакви врнежи на дожд и невреме, со што со своите капацитети ќе бидат достапни за граѓаните со цел да не дојде до поголеми штети.

-Во општина Штип се најавуваат врнежи од дожд во вторник и среда попладне, со тоа што ние како Општински штаб мораме да ги презедеме сите мерки.Од денеска двете јавни претпријатија и Територијалната Противпожарна единица-Штип се во приправност со што сите нивни капацитети, механизација и човечки ресурси што ги имаат на располагање ќе бидат во 24 часовна приправност при повик од општинскиот штаб да бидат на терен и да ги преземат сите неопходни мерки, вели Бочварски.

Јавните претпријатија „Стипион 2011“ и „Исар“ ќе бидат подготвени со човечки капацитети од околу 150 луѓе, кои ќе бидат достапни за општинскиот штаб за време на поплави и невреме, а додека ТППЕ Штип на располагање има 35 пожарникари. Бочварски додаде дека Општина Штип преку ЈП „Стипион 2011“ и ЈП „Исар“ во моментот располага со 100 кубици песок и во зависност од потребите ќе биде обезбедена поголема количина на песок во идниот период.