Силното невреме проследено со силен ветер што попладнево го зафати Скопје ги активираше кризните штабови во општините Ѓорче Петров и Кисела Вода, а општинските служби се на терен за справување со последиците.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, информира дека кризниот штаб е ставен во функција и дека екипите ќе бидат присутни на терен за интервенција доколку има последици од невремето.

„Во моментов општината е зафатена од силно невреме, активиран е кризниот штаб и ќе бидеме присутни на терен за справување со несакани последици доколку ги има“, објави Стојкоски.

Тој соопшти дека за пријавување на итни ситуации е активиран и телефонскиот број 070 298 508, каде што граѓаните можат да пријавуваат штети и опасности.

И градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, извести дека силниот ветер предизвикал паднати дрвја и искршени гранки на повеќе локации во општината.

Како што информира, Кризниот штаб е веднаш активиран, а сите расположливи служби се веќе на терен и работат на сечење и отстранување на паднатите дрвја, како и на расчистување на блокираните улици и јавни површини.

Од Општина Кисела Вода посочуваат дека активностите се координираат со Центарот за управување со кризи (ЦУК), ЕВН и службите на Град Скопје, со цел што побрзо да се санираат последиците.

Општината упати апел до жителите доколку забележат паднато дрво, блокиран пат или друга опасност предизвикана од невремето, да ги пријават на дежурните телефонски броеви 072 250 719 и 072 443 500.

Општинските власти најавуваат дека екипите ќе останат на терен сè додека состојбата целосно не се нормализира.