Претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со локалните власти, денеска излегоа на терен, да извршат увид на штетите врз земјоделските посеви по вчерашното невреме во овчеполскиот регион.

Според првичините проценки, како што информираат од МЗШВ, во регионите на општините Лозово и Свети Николе,  од невремето е предизвикана штета на површина од околу 5.000 хектари.

Претставниците од МЗШВ реализирале средби со градоначалниците на Лозово и Свети Николе, а бидејќи освен штети врз земјоделските посеви, невремето предизвика и материјални штети, локалните власти денеска организираа итни состаноци на Советите и формираат комисии за проценка на штетите, кои ќе извршат проценка на предизвиканите штети од невремето проследено со силен дожд, град и ветер.

Утврдено дека има штета на земјоделските површини како лозови насади, површини со житни култури и зеленчук, но и материјална штета на објекти и приватни имоти. Селото Црниште од вчера е без струја и вода.

Инаку од Управата за хродометеоролошки работи известија дека и покрај обилните дождови во одредени региони во земјава нема излевања на поголемите реки. Од таму препорачуваат деновиве кога се очекуваат нови врнежи, да се избегнуваат помали водотеци или суви речни корита, додека се препорачува внимателност на поголемите водени површини заради појава на бранови од силниот ветер.