Кумановското крило на ДУИ е незадоволно од распределбата на партискиот и државниот колач во власта, објави директорот на информативната агенција на албански јазик ИНА.
– Зошто Куманово има само еден член во претседателството на ДУИ и зошто нема ниеден раководител на секретаријатите во партијата, додека другите општини имаат по четири, пет или шест луѓе, прашува Насер Пајазити, основач и директор на ИНА, на својот профил на Фејсбук.
Тоа, како што пренесе порталот Експрес, е показател дека продолжуваат бранувањата во ДУИ околу неменувањето на министрите во Владата, особено на вицепремиерот Артан Груби, како и во врска со застапеноста на поодделни органоци во раководството на партијата.
Пајазити во објавата упатува и посеба порака до лидерот на ДУИ:
– Али Ахмети вели дека држел калашников во 2001 година, но регионот на Куманово плати голем дел од сметката од оружениот судир и доживеа сешто, констатира Пајазити.