Само 821 денар предвидува синдикалната кошничка што ја објавува ССМ за месец мај, а толку и повеќе чини само еден лек, со оглед на тоа што повеќето од скапите лекови не се на листата на ФЗО.
Пто се однеусва до другите трошоци, месец мај беше доста скап за нашите граѓани, објави вчера ССМ. Најмногу пари во последниот месец, односно 19.532 денари биле потребни за храна и пијалоци, а 13.392 за покривање на режиските трошоци за домување. На четиричлено семејство во мај му биле потребни 49.025 денари за да ги покрие минималните трошоци во месецот. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека најмногу пари од семејниот буџет или 44,3 отсто, се трошат за храна и пијалоци.
„Вкупната синдикална потрошувачка кошница изнесува 44.047 денари, а кога ќе се додадат 4.977 денари или 11,3% за трошоците за живот, односно инфлацијата, таа изнесува 49.024 денари. Просечната исплатена нето-плата по вработен во март годинава изнесува 34.925 денари“, велат од Сојуз на синдикати на Македонија.
Од останатите трошоци кои се дел од синдикалната кошница, 3.720 денари се потребни за превоз, 3.196 денари за хигиена, 2.315 денари за облека, 1.067 денари за култура, додека 821 денар за здравствена заштита. Во споредба со април, потрошувачката кошница во мај беше за околу 5 евра помала. Но, за граѓаните трошоците се неподносливи поради ниските примања што и понатаму ги добиваат.
Податоците покажуваат пораст на инфлацијата. Зголемувањето на трошоците на животот во мај во споредба со мај минатата година изнесува 11,6 отсто, објави Државниот завод за статистика (ДЗС). На месечно ниво има зголемување на трошоците за живот од 0,4%.