Од МВР потврдија дека против Ј.Љ.(19), кој бил третиот напаѓач на Никола Саздовски е распишана централна потерница, но од него нема ниту трага ниту глас.

Од полицијата најверојатно имаат информации дека тој се крие во државава, но ако не биде приведе во догледно време ќе мора да распишат и меѓународна потерница.
Саздовски, кој беше крвнички претепан на 29 јуни почина вчера во Клиничкиот центар. Тој пред две недели беше крвнички претепан од тројца припадници на навивачка група од друга етничка заедница бидејќи бил член на навивачката група „Комити“.

Крвавиот напад се случил на 29.06.2018 година околу 17.40 часот на автобуската станица на булевар Александар Македонски кога тројцата напаѓачи излегле од автомобил „мерцедес“ и физички го нападнале Саздовски. Тие со возилото избегале, а момчето со возило на Итна медицинска помош било пренесено во Комплекс клиники “Мајка Тереза”. Полицијата веднаш уапсила двајца, и трага по третиот напаѓач. Против нив беа поднесени кривични пријави за насилство.

Според резултатите од обдукцијата, пак, кои денеска од Институтот за судска медицина биле донесени во скопското Јавно обвинителство, повредите на мозокот биле кобни за Саздовски. Во ОЈО денеска даваа искази очевидци на случајот, по кои обвиителството ќе има појасна слика дали квалификацијата за делото ќе остане иста, или осомничените ќе се товарат за убиство.

Сепак, она што не го знае јавноста е како настанале повредите на главата, односно дали се резултат на пад на Саздовски, или, пак од удари со тврд предмет, што секако е утврдено од обдукцијата, а што ќе биде од големо значење за тоа дали осомничените ќе одговараат за убиство или за насилство.