Никола Саздоски, зверски убиено  младо момче пред десет дена, денес е погребан во Ракотинци. Лекарите на КАРИЛ десет дена се бореле за неговиот живот и неколку пати го враќале во живот од клиничка смрт. Никола бил донесен во болницата во тешка кома, со нарушени витални животни функции, скоро без знаци на живот. Починал од разорениот мозок од силните удари по главата што му ги нанеле напаѓачите. Тојца напаѓачи на автобустата станица кај Автокоманда, без никаков повод и причина го нападнале Никола и од ударите што му ги нанеле по главата му го разориле мозокот. За жал, на младото момче му немало спас.

Портпаролот на МВР Тони Ангеловски, со своите изјави наместо да го објасни случајот со факти и аргуманти, со стиснати вилици и штури небулозни изјави, дополнително ја  зголемува недовербата и сомнението дека МВР прави обид да се прикријат одлучни околности и факти за случајот. МВР е должна пред граѓаните да излезе со целосна хронологија на настанот и да ги објасни сите мерки што ги презела и што не ги презела, а била должна тоа да го стори, за целосно расветлување на случајот. Тоа е многу подобро да се стори, отколку да се манипулира со јавноста.

Не можам да сфатам, како долгогодишен јавен обвинител во период од околу 28 години,  како може надлежното јавно обвинителство за ваков случај да молчи десет дена и да не излезе со никакво соопштение и никаква информација во јавноста? Тоа ли е транспарентност и однос према јавноста од органот надлежен за кривичното гонење? Согласно член  8 од Законот за јавното обвиниотелство,  Јавното обвинителство е должно да ја информира јавноста за одделни случаи по кои  постапува, особено ако  се  од  таква  природа  што  предизвикуваат  поширок  општ интерес  во  јавноста  или  се  од  значење  за  остварување  на  функцијата  на  јавното обвинителство заради заштита од криминални или други противзаконски дејствија.

Неразбирливо е, како може и после десет дена одкако е донесена наредба за спроведување на истражна постапка да не се испитаат лицата против кои се бара спроведување на истражна постапка и тоа за ваков случај кој побуди посебен интерес во јавноста. Согласно членот 292 став 3  од Законот за Кривичната постапка, пред да се донесе наредбата за спроведување на истражна постапка, јавниот обвинител може да го испита лицето против кое се бара спроведување на истражна постапка. Тоа значи дека законот овозможува испитување на лицето, а зошто за ваков случај тоа не е сторено и после десет дена е сосема неразбирливо. Што се чека? Дали се распиша потерница за едното лице кое е во бегство? Многу прашања, а сосема малку одговори. Со тоа што се премолчуваат работите за случајот, се подгрева и сомнежот и недовербата.

Не ја погребувајте вистината, тоа не е во ничиј интерес.

Михајло Маневски за „Денешен“