На денешната ратификацијата на договорот за членство на Македонија во НАТО, во германскиот Бундестаг остро се спротивставија Алтернатива за Германија (АфД) и Левицата.
Како што јави Дојче веле, Петр Бистрон од АфД ѝ честиташе на Македонија поради затворањето на Балканската рута за бегалците во 2016 година, но рече дека неговата партија ќе гласа против членството во НАТО затоа што има „голем проблем со корупцијата“, а „Балканот е само предградие на Европа“.
Александер Ној од Левицата се спротивстави на проширувањето на НАТО и ја критикуваше „прозападната Влада во Македонија дека погрешно го интерпретирала референдумот за промена на името“.
Ној цело време во излагањето го користеше името Македонија, поради што влезе во судир со пратеник со грчко потекло во Бундестагот.
Германските пратеници, го поддржаа членството на земјава во НАТО, но имаа расправија за почеток на преговорите на Македонија во ЕУ.
Пратеникот од опозициските Зелени, Јирген Тритин оцени дека околу почетокот на преговорите има судир и во самата влада.
– Канцеларката (Ангела Меркел) е против, а Министерството за надворешни работи се залага да започнат преговорите. Коалицијата не може да постигне согласност по ова прашање, изјави тој.
ЦДУ на канцеларката Меркел и социјалдемократите од СДП, на кои им припаѓа министерот за надворешни работи Хајко Мас ја сочинуваат владината коалиција.