Да беше добар договорот веројатно самите ќе го објавеа. Јас не гледам друга логика зошто да се крие добар договор. Ако договорот е добар, ако носи добро за граѓаните и на Македонија и ако успеале да договорат изградба на автопати по конкурентна цена еве не мора да е евтина, но барем да е конкурентна која што ќе овозможи најдобра комбинација на цена и квалитет тогаш сигурно гордо ќе го претставуваа во јавноста и ќе ги кажуваа придобивките на истиот. Но, имајќи во предвид дека не го прават тоа и имајќи во предвид дека бегаат од одговорноста јасно е ова што го гледаме сите, а се работи за тежок и манипулативен начин на работа со кој што сакаат да се скријат работи на кои што јавноста би реагирала“, истакна Александар Николоски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ при гостување во емисија на Македонско радио.
Николоски додаде дека е точно дека ВМРО-ДПМНЕ го доби договорот од свиркачи. И оваа верзија која што ја имаат не знаат дали е финалната верзија, но нека демантира Владата, нека рече не е таа верзија, и нека ја споделат со јавноста финалната верзија од договорот со „Бехтел и Енка“.
„Нека се подели договорот до новинарите, до пратениците за да можат да го видат и да го изанализираат. Но тоа од Владата не го прават, и затоа што не го прават се отвораат бројни сомнежи. Ние оперираме со таа верзија која што ја имаме добиено. А, таа верзија е катастрофална. Да прифати држава 53 милиони евра дека ќе исплати само за тоа што нема да смени закон во кој што работната недела од 40 на 60 часа ќе се зголеми и ќе се воведе модерно ропство, тоа е ништо друго освен скандал. Или да прифати држава дека шајка нема да се закова во државата, а ќе исплати 120 милиони аванс, 120 зрна песок не се ставени на било која од делниците за овие велам т.н. автопати затоа што не гледаме ништо од нив, тоа се имагинарни автопати, тогаш е јасно зошто и како реагира јавноста. И има уште бројни, бројни спорни работи кои што ги има во договорот“, појасни Николоски.
Тој посочи и еден од многуте спорни работи од договорот со „Бехтел и Енка“ како на пример кога премиерот лажеше дека 51% од работниците ќе бидат од Македонија, за да на крај излезе дека 70-тина проценти ќе бидат странци. Уште полошо тие странци нема да чекаат работна дозвола и дозвола за престој за да почнат да работат што значи дека можеби во тие работници да влезе и некој безбедносно проблематичен човек кој што би направил проблеми.
„Македонија ќе е прва држава која што ќе плаќа кога машините не работат. За секоја машина има колку ќе се плаќа кога работи и колку да се плаќа кога нема да работи. И ова e врв на целиот овој криминал и на сите овие злоупотреби. И затоа ќе има одговорност и за Груби и за Ковачевски затоа што потпишале ваков договор“, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.