Договорот за изградба на автопатот Скопје – Блаце е потпишан на 191 милион евра, а подготвителните работи на терен се завршени и започнати се активностите за изградба на петте тунели на трасата. Ова го истакна министерот за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на пратеничко прашање од Илир Хасани од „Европскиот фронт“ во Собранието.
Николоски појасни дека сумата од 191 милион евра се однесува на договорот за изведба, а во повисоките износи што се споменуваат во јавноста се вклучени и трошоците за надзор, техничка поддршка и 15 проценти непредвидени средства согласно правилата на Европската банка за обнова и развој. Тој нагласи дека овие средства не значи дека ќе бидат потрошени.
Според вицепремиерот, споредбите со претходната делница од два километра не се соодветни поради значителниот раст на цените во градежништвото по корона кризата и енергетската криза.
– Цените во градежништвото пред корона кризата и по неа не се исти. Доволно е да се види движењето на цената на нафтата и битуменот за да се разбере зошто се зголемени трошоците – истакна министерот.
Николоски посочи дека француската консултантска компанија „Сафеж Суез“, ангажирана за проектот, претходно проценила дека изградбата на трасата би чинела околу 260 милиони евра, а актуелниот договор е значително понизок.
– Она за што јас сум зборувал овде на говорница биле документи, факти коишто сум ги презентирал во два дела. Едниот беше за новата траса којашто беше понудена од претходното раководство на ЈПДП. Не јас, туку официјалниот консултант којшто беше избран – тоа е реномираната француска компанија „Сафеж Суез“ – предвидуваше дека на крај проектот ќе чини 260 милиони евра и тоа го има на документ, јас го имам извадено од истава говорница. Еве гледате дека ние добивме понуда од 191 милион, што е далеку под 260 милиони евра колку што „Сафеж Суез“ предвидуваше – рече тој.
Осврнувајќи се на експропријацијата, министерот рече дека сопствениците на земјиштето ќе бидат обештетени по пазарни цени, кои, зависно од категоријата на земјиштето, се движат од 50 до 100 евра за квадратен метар.
Тој нагласи дека автопатот има пошироко регионално и економско значење, бидејќи ќе овозможи подобро поврзување на земјата со Косово, Црна Гора и пристаништата во Солун, Драч и Бар.
– Овој автопат е отворање на државата кон трите пристаништа. Ние веќе сме отворени кон пристаништето Солун, работиме интензивно на отворање кон пристаништето Драч, со ова се отвораме и кон пристаништето Бар, што многу значи за нашата економија – изјави Николоски.
Тој информираше и дека е исплатен аванс на изведувачот, а во тек се подготовките за пробивање на сите пет тунели на трасата. За таа цел се обезбедуваат специјализирани машини за тунелско пробивање, кои се увезуваат од странство.
Николоски очекува во период не подолг од една година да бидат пробиени сите пет тунели, по што ќе следуваат активностите за нивно внатрешно уредување.
Во однос на железничкото поврзување со Бугарија, вицепремиерот најави дека следниот петок ќе се сретне со бугарскиот министер за транспорт и врски, со цел финализирање на прашањето за прекуграничниот железнички тунел.




