Оваа власт ја карактеризираат наместените тендери. Тоа почна уште првиот ден кога Зоран Заев стана премиер. Правата голема афера која ја презентиравме Леонардо во која актер беше поранешниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски, кој е обвинет, местеше тендер за радари за контрола на летање по цена од милион евра повисока од реалната, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во вечерашното гостување на емисијата за или против што се емитува на телевизија Алфа.

Николоски како што рече „најголем тендераш е ЕЛЕМ, а таму најголем субјект е РЕК Битола кој е најголем производител на електрична енергија во земјава“.

Според него интересно и специфично е што во овие тендери што одат за ЕЛЕМ, односно за РЕК Битола во случајов некако нема мотивација за пријавување на повеќе компании.

Тој додаде дека најчесто на најголем дел од тендерите се пријавува по еден понудувач.

„Па така еден од последните примери е тендерот за 4,2 милиони евра за адитиви кои помагаат да се формира помалку згура при согорување на јаглен и за ова се пријавила само една компанија за која не се знае дали воопшто има вработени и регистрирана е со основачки влог од пет илјади евра. Минатата година вкупен обрт имала 350 илјади евра, а годинава добива само еден тендер добива од 4,2 милиони евра. И така ќе носат 190 тони адитив со единечна цена 18.570 евра по тон“, информираше Николоски.

Николоски укажа дека „во тендерот точно ја напишале спецификацијата која одговара само на овој адитив“ или народски кажано слика ставиле од оној кој треба да го добие тендерот.

„И затоа не се пријавува никој друг, друга компанија, друг адитив со сличен состав може има друга компанија но опишан е еден конкретен на една компанија. Инаку компанијата е регистрирана за дистрибуција на весници, трговија со весници и трафики, а тоа јасно потврдува колкав е криминалот во Македонија пред се во ЕЛЕМ и РЕК Битола или се смени и директор, но навиките се исти“, заклучи Николоски.

Што се однесува до пукањето во Ист Гејт и обидот за убиство сред бел ден во трговскиот центар, Николоски истакна:

-Досега ова на филмови сме го гледале, а знаете дека филмовите повеќе одговараат на фикцијата отколку на реалноста. Ова не сме го гледале и не треба да го гледаме. Ова не е нешто што може да е нормална ситуација за Македонија и ова покажува колку се руинирани институциите, но отвора и многу други прашања. и состојбите во Министерството за внатрешни работи.

Николоски додаде дека дел од МВР е влезен во соработка со криминалното подземје и тоа се одразува на истрагите кои најчесто завршуваат неуспешно.

„Јас имам навика да отворам некои прашања кои некои други се плашат да ги споменат или ги премолчуваат, а тоа е за состојбата во полицијата и во МВР. За состојбата на дел од полицискиот кадар да бидам попрецизен кој според она што го слушам е влезен во одредена соработка со криминалното подземје, па дури и во корупција и сето тоа се одразува на ефикасноста на полицијата за спроведување ефективни истраги затоа што не е Македонија прва држава во која што се случуваат криминални дела од типот на, во случајов обид за убиство, но Македонија е една од ретките држави во коишто тие случаи не можат да се расчистат брзо, промптно по извршувањето на истите, потенцираше Николоски.

Тој упати и критики до Оливер Спасовски дека наместо да глуми министер за надворешни работи и да се слика, треба да се фокусира на воведување ред и правда во државата, бидејќи тоа што некој се дрзнал среде бел ден да изврши обид за убиство и институциите не можат ниту да го идентификуваат, зборува за тоа дека корупцијата е длабоко навлезена во дел од полицискиот кадар.

„Сликање и шминкање како она денес да се соберат колеги министри за внатрешни работи од регионот па да се покажува некоја големина тоа може да го прави министер за надворешни работи, да прави меѓународна соработка, но работа на министер за внатрешни работи е да се фокусира дома во државата и да воведе ред и правда. Самото тоа што на среде бел ден некој се дрзнал да прави обид за убиство и еве денови поминуваат, не можат ниту да го идентификуваат кој е, име и презиме не можат да му најдат, а да не зборуваме да го фатат, така што сам ако не се предаде веројатно и никогаш нема ни да го фатат, многу зборува колку се руинирани институциите и дека она што го слушаме, а тоа е дека корупцијата е длабоко влезена помеѓу дел од полицискиот кадар, за жал е точно“, потенцираше Николоски и додаде:

„Вие можете да слушнете особено по Скопје дека сѐ почесто она што порано беше улица и што беше некој уличен рекет сега го преземаа дел од луѓето коишто се во МВР. Можете да слушнете за таканаречен рекет кој што го плаќаат одредени казина, ресторани или кафетерии кон припадници на МВР. Е сега некој ќе рече дајте доказ, но доказот е сето она што се случува. Не случајно луѓето ги зборуваат тие работи и сопствениците на тие објекти ги зборуваат тие работи“.