Со ознаката „Строго доверливо“ на членовите на собраниската Комисија за надзор им биле поделени материјалите со изготвените информации од повеќе државни служби и агенции за тоа дали има и дали се користат шпионските софтвери Предатор и Пегасус. Александар Николоски од ВМРО ДПМНЕ по завршувањето на седницата рече дека детали не може да сподели поради ознаката „строго доверливо“, но има две стравувања и индикации.
-Првото е дека е произведуван ваков софтвер кој е користен, за кој институциите немаат одговор каде се’ е продаден. И второ – следењето на комуникациите на граѓаните дома. Не добивме кредибилен демант дека во Македонија не се случува следење на граѓаните со малициозен софтвер – рече Николоски.
Тој објасни дека се работи за моќни софтвери, кои преку смарт ТВ приемниците можат да добиваат аудио снимки од дома, а пософистицираните ТВ приемници можат да послужат и за следење на граѓаните преку видео. Николоски изрази како што рече „сериозно сомневање дека како политичари и физички се следени“.
-Имаме сериозно сомневање како партија дека сме под континуирано физичко следење, сме следени како политичари, кое се прави нелегално од страна на структури во безбедносниот сектор во државата. И Во Македонија, да, се произведува ваков малициозен софтвер и една компанија Сајтроникс за тоа е на црна листа на САД. Но, за мене е многу поважно дали се користел софтверот, затоа што отвора многу сомнежи за приватноста на домот, затоа што овие софтвери се многу помоќни – рече Николоски.
Како што објасни, за шпионските софтвери Пегасус и Предатор ќе се разговара на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа во октомври, каде ќе присуствува. На сесијата во Париз неодамна, исто така ова било темата, каде новинари од Шпанија, Франција и Грција сведочеле за злоупотребата на софтверот, со кој биле следени.
Николоски, како што рече, има силни сомневања дека е нарушена приватноста дома и на македонските граѓани.