Вицепремиерот Артан Груби лажел кога изјавуваше дека промените на Кривичниот законик се прават на барање на Христијан Мицкоски.

Ова произлегува од изјавата на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кој во интервјуто за ТВ 21 потврди дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, не учествувал во измените на Кривичниот законик.

Ахмети рече дека ВМРО-ДПМНЕ била против промените на КЗ со што потврди спротивно од она што тврдеше Груби. Ахмети во интервјуто рече дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не учествувале во договорите за контроверзните промени за Кривичниот законик со кој се прави практична амнестија на криминалот и корупцијата на власта.

-Нема никаков договор со ВМРО-ДПМНЕ за да се изгласаат уставните измени. ВМРО го искажа јавно својот став дека нема да ги изгласа уставните измени под бугарски диктат. Ние овде имаме огромни разлики, ова е многу жешка тема, тема која бара многу поконцентриран пристап. Ние овде се разликуваме многу со ВМРО-ДПМНЕ, рече Ахмети.

Преходно по изгласувањето на промените на КЗ Груби изјави:

– Апсолутна лага и апсолутно е невозможно под кои било услови со овие измени во Кривичниот Законик да се врати г. Груевски. Овие измени во Кривичниот законик освен што се хармонизација со европското право се и ексклузивно барање и на г. Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ на сите лидерски средби, и на билатерални средби по однос на измените во КЗ и еве имаат шанса тоа да си го направат во Собранието. Впрочем, тоа веќе и го направија вчера со нивното учество вчера во Собранието, изјави Груби на веднаш по изгласувањето на КЗ, на 6 септември.

Свесно или не, Ахмети со својата изјава, од Груби направи лажго, а со изјавата тој ја урна и позицијата на СДСМ и нивната пропаганда дека ВМРО-ДПМНЕ го договорило и помогнало изгласувањето на измените.

Ахмети во интервјуто раскажува дека тој предходно законот го договарал со бившите премиери Зоран Заев и Никола Груевски, но дека кога паднал договор со СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се повлекле од разговорите.