Во денешното интервју на „Радио Слободна Европа“ гостуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски кој што во однос на математиките на власта за изборите истакна дека државниот интерес е да се одржат споени избори, претседателски и парламентарни заедно за да не се трошат буџетски средства и да не се закочи државата на подолг период.
„Мислам дека не се работи за политичка математика се работи за реалност ако одиме што на нас би ни одговарало, политички нас ни одговараат раздвоени избори од проста причина што ќе победиме убедливо на претседателските избори и после тоа СДСМ ќе се доведе до ситуација да не можат по 20 луѓе да најдат за да ги стават на пратенички листи затоа што ќе е извесно каков драматичен пораз ќе им се случи на парламентарни избори. Така што ако гледаме од тесно партиски интерес нас повеќе ни одговара да се изборите раздвоени. Но мораме да го гледаме и другиот а тоа е државниот интерес затоа што ние пред се се занимаваме со јавна работа“, истакна Николоски.
Николоски посочи дека нема логика да се трошат дупло средства, дупло да се ангажираат избирачки одбори и да целата држава е замрзната седум месеци бидејќи разликата е само месец и пол, два меѓу претседателските и парламентарните избори.
„До денес на нашиот аргумент дека само за месец и пол до два, толку е разликата меѓу претседателските и парламентарните избори нема логика да се трошат дупло средства, да се дупло ангажираат избирачки одбори и да целата држава е замрзната седум месеци заради другите одредби од изборниот законик по кои што многу активности во државата запираат за време на избори, ние не добивме кредибилен контра аргумент од другата страна зошто е подобро од економски аспект пред се и од практичен аспект за Македонија да има два изборни циклуси а не да има еден споен изборен циклус“, нагласи Николоски.
Николоски кажа дека во минатото секогаш кога изборите биле блиску се спојувале затоа што тоа е логично економски и практично.
„Всушност во минатото секогаш кога изборите од еден или друг тип некогаш биле локални со претседателски, некогаш биле претседателски со парламентарни биле вака блиску се спојувале се спојувале затоа што рациото тоа го кажува. До денес не добивме ниту еден кредибилен одговор зошто за Македонија е добро да потроши дупло пари. Со ова однесување на власта на ДУИ и СДСМ на Македонија може да и се случат три изборни циклуси и целосно замрзната држава цела година. Затоа што ако според нив има прво претседателски па парламентарни, доколку претседателските не успеат ќе треба да се повторат и тоа значи дека на Македонија ќе и се случат три изборни циклуси во една година. Да не заборавиме дека 2025 веќе доаѓаат редовните локални избори и Македонија може да влезе во еден циклус на избори од година и пол каде што ќе замрзне секоја стопанска активност“, посочи Николоски.