Аферата „Мафија“ ја докажува целата немоќ на правната држава, која е окупирана, погазена и завиткана во хибриден режим. Државата е логистика на криминалци, мафијаши и нарко картели од балкански и европски калибар, истакна денеска на прес-конференција го истакна Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Нема граѓанин кој верува во приказната дека мафијашки бос извадил легален пасош со украден или лажен идентитет кај обичен полициски службеник. Такво кривично дело е возможно најмалку со знаење на претпоставениот кој е поставен директно од Оливер Спасовски. Целта е ситните риби да одговораат за крупните да се спасат, но дел веќе виден. Доволно е да се отворат медиумските известувања од 2018, 2019, 2020, 2021 година за да се види како сите балкански медиуми известувале за овие случаи. Како е можно воопшто некој да одлежи затвор во соседна држава за македонска патна исправа чиј идентитет бил сменет со амин на власта, а во Македонија да нема никаква реакција. Според власта истрага отвориле во февруари 2019 година, па се поставува логичното прашање како е возможно година дена потоа, на 29.01.2020 година црногорски атентатор да се слика за македонски пасош и оди во Украина да изврши атентат каде што е фатен токму со македонски пасош?, прашува Николоски.

Тој вели дека до нив стигнаа нови документи за пасоши на криминални структури за кои што би сакал да проговориме и да ја информирам јавноста токму денес.

-Поставувам јавно прашање дали македонски пасош издаден од МВР имал и водачот на познат нарко картел од Албанија? МВР во регуларна постапка на 17.07.2019 година му издала македонски пасош со број C1265083 и на шефот на нарко клан од Албанија, Флорјан Мусај со позајмен идентитет Наум Фило роден на 22.01.1986 година. Ги повикувам медиумите да подетално истражат кој е овој човек и што тој претставува. Само неколку информации Мусај станува познат во 2018-тата година кога против неговиот нарко картел во меѓународна соработка помеѓу полициските служби на Германија, Италија, Холандија и Албанија се откриени 91 килограм кокаин во вредност од 20 милиони евра и огромна дилерска структура низ сите овие држави. Според информациите кои ги добивме по добивањето на македонски пасош во 2019-та година, Мусај непречено патува низ повеќе европски држави за во октомври 2019-та година да пристигне во Јужна Америка. Мусај користејќи го македонскиот пасош со позајмен идентитет на име Наум Фило најверојтно патувал низ повеќе држави на Европа и Јужна Америка, вели Николоски.

Тој додава дека втората индиција која што ја имаме е дека македонски пасош поседува Стефан Џукиќ кој е осомничен за обид за убиство на еден од водачите на т.н. Кавачки клан, обидот за убиство се случил во Киев, Украина, а името е Радojе Звицер. Стефан Џукиќ имал македонски пасош на име Каче Герѓи. Значи човек кој што медиумите го ословуваат како платен убиец на Кавачкиот клан имал македонски пасош издаден од МВР.

-Вистинското прашање е зошто овие пасоши, дел издадени уште во 2017-та година, беа премолчувани од власта се до отворањето на аферата „Мафија“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ? Зошто кога Јован Вукотиќ бил осуден во Белград за поседување на македонски пасош со лажен идентитет министерството за внатрешни работи не реагирало? Како е можно Седат Пекер кој според МВР бил протеран, четири дена по протерувањето да се слика во полициска станица во Скопје за лична карта и пасош? Зошто никој од МВР нема издадено потерница по ниту еден од овие мафијашки босови, и зошто за злоупотреба паѓаат само ситните риби, со цел да се заштитат крупните риби? Одговорот е затоа што мафијата е во врвот на власта. И на крај, зошто МВР не проверува какви банкарски сметки имаат овие луѓе во земјава. Дали се переле пари од страна на овие луѓе. Зошто не се повикани на разговор луѓе од власта кои се сликаа со дел од овие нарко босови? Ова е срам за земјата. Ова мора да заврши со оставка и одговорност. Мафијата е високо во власта. Додека народот умира на рати, се бори за живот, власта давала логистика на мафијата. Ова е иднината со Заев, мафија наместо Европа. И затоа се потребни оставки денес и веднаш, вели Николоски.