Пендаровски не е претседател на сите граѓани, туку само извршител на една политичка структура и на Зоран Заев, рече денеска пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го дочекаа годишното обраќање на Стево Пендаровски во Собранието со транспаренти.
Кога тој го започна говорот, од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ излегоа пред собраниската говорница држејќи транспаренти на кои пишуваше „Идентитетот се продава“, „Заев: Стево е неискусен политичар“, „Не е мој претседател“ и слично.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ потоа ја напуштија салата. Пендаровски го продолжи своето обраќање пред пратениците од владејачкото мнозинство, а на самиот старт оддаде и минута молк за починатите од ковид-19.
Пратеникот Николоски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ја напуштиле собраниската сала бидејќи Пендаровски покажал дека не е претседател на сите граѓани.
– Не е претседател на сите граѓани, туку само извршител на една политичка структура и на Зоран Заев. Со тоа Пендаровски им сврте грб на македонските граѓани. Затоа денеска пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата му свртеа грб нему и ја напуштија собраниската сала каде што тој имаше обраќање. Второ, Стево Пендаровски е прв којшто кажа дека нашиот национален херој Гоце Делчев е Бугарин и со тоа ги сруши македонските национални интереси. Ја отвори Пандорината кутија, ги оневозможи историчарите на научна основа да разговараат за историјата, во преговорите за историјата внесе политика и драматично ги поткопа темелите на македонската самобитност, идентитет, јазик и посебноста на македонската историја“, рече Николоски.