Стево Пендаровски вчера призна дека користи консултантски услуги од контроверзниот консултант Асаф Исеин. Стево Пендаровски вчера призна дека Асаф Исеин дава консултантски услуги на Стево Пендаровски. Прашањето е дали тие консултантски услуги е само во делот на стратегии или можеби влегуваат и во изборни активности кои што се на работ на законот, ова денеска преку прес-конференција го истакна, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
„Исто така Стево Пендаровски вчера пред целата македонска јавност призна дека Асаф Исеин е ангажиран од СДСМ, политичката партија која го кандидира Стево Пендаровски за претседател во 2019тата и 2014тата година и која што ќе го поддржи на овие претседателски избори кои што тој ќе ги изгуби. После ова јавно признание на Стево Пендаровски дека Асаф Исеин е консултант на СДСМ се поставуваат неколку прашања. Првото прашање е на кој начин е овој контроверзен консултант ангажиран? Уште колку лица заедно со него се ангажирани? Колку чини неговиот ангажман и кој го плаќа неговиот ангажман? Од која сметка се плаќа неговиот ангажман? Дали се плаќа од сметката на СДСМ, и ако е така зошто го нема во ревизорските извештаи на СДСМ? Доколку пак е ангажиран за изборната кампања на СДСМ, дали се свесни во СДСМ дека прават кривично дело, имајќи во предвид дека изборните сметки се уште не се отворени и не можат да се преземаат финансиски активности поврзани со изборите. Понатаму, се поставува прашањето дали можеби има договор со некоја државна институција и на тој начин е ангажиран, или можеби најлошото дали е можеби платен од некоја странска држава која што сака да направи услуга на СДСМ и на Стево Пендаровски. Доколку е така се работи за тешко кривично дело имајќи предвид дека забрането е финансирање на избори од страна на странски извори и странски држави“, вели Николоски.
Тој додава дека според нашите сознанија во последните 20 дена 3 пати Асаф Исеин престојувал во Македонија на по неколку дена, што значи дека последните 20 дена најмалку 10-тина дена бил присутен во Македонија.
„Колку пати се сретнал со Стево Пендаровски, со кој друг се сретнал од СДС, што за нив ќе прави, колку чини неговиот ангажман, кој го плаќа неговиот ангажман и зошто го нема во ниеден извештај на СДСМ? Исто така како е возможно лице кое е ангажирано од политичка партија да остварува средби со претседател на држава во службени простории на претседателот на државата и да одговорат и СДСМ и Стево Пендаровски кои се другите лица по потекло од Хрватска и Романија кои доаѓаат со него и на кој начин тие се ангажирани. Почитувани пријатели, на раб сме на огромна афера, огромен скандал кој во себе вклучува потенцијални изборни нерегуларности и нелегално финансирање на изборна кампања. Очекуваме одговори и очекуваме надлежните институции да се позанимаваат со ова прашање, вели Николоски.