Многу теми не беа познати за јавноста. Претседателот Мицкоски имаше интервју за најголемиот весник во Европа ФАЦ во кој презентираше факти кои не беа познати. ВМРО-ДПМНЕ има еден систем на прочистување, на катарза кој веќе неколку пати го прави и тоа е една од причините за опстојувањето на партијата како најсилна политичка партија во Македонија и тоа го правиме и сега, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ за „Здраво Македонијо“ на Канал 5.
Николоски потенцираше дека она што недостасувало во Македонија досега е тоа прочистување да се направи и во државата и тоа ќе се случи после победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори.
– Преку глава им е на луѓето од договори позади завеса на политичарите. Македонија стана земја на теории на заговор во која луѓето повеќе веруваат во теорија на заговор затоа што политичарите од врвот ги хранеа тие теории со непринципиелните и нечисти договори позади завеса. На таа работа сакаме да и ставиме крај. Секако не е лесно и во сопствена политичка партија да го направите, но мора ако сакате партијата да е чиста и здрава, за да може како таква да направи Македонија здрава и чиста од криминал и корупција, додаде Николоски.
Николоски истакна дека приоритет е како после победата ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе во идната влада, како и тоа дека време е ДУИ да оди во опозиција.
– Една од основните работи е досегашнава владејачка елита, пред се мислам и на ДУИ да ја пратиме во опозиција и тоа е предуслов за функционален систем на владеење на правото. Второ е лошите пракси да се тргнат. Многу е важно луѓето што носат со себе, имаме добар тим и клучното дали луѓето се доволно чесни да направат чесна држава, изјави Николоски.
Според него она што сега се забележува и се разликува од години наназад е тоа што корупцијата се спушти на најниско ниво.
– Години наназад зборувавме за корупција на високо ниво која беше лоша и сега системот се урнисува и оди надолу, што создава два феномени. Економијата не напредува и многу луѓе решаваат да заминат не можејќи да се борат во систем во кој треба да имаш роднина на шалтер или да почастиш нешто за да завршиш обична работа што не смее да биде дозволено. Тоа е тажна вистина која и се случува на Македонија, истакна Николоски.
Николоски додаде дека граѓаните ако порано заминувале од други причини, сега заминуваат затоа што нема никаков ред во државата.
– Јас постојано сум на терен и имам контакт со граѓаните, прв пат одговорот на тоа зошто луѓето си заминуваат се смени интензивно пред 3 до 5 години кога почнаа да одговараат со тоа дека нема ред, а другите заради децата затоа што нема ред во здравство, образование. Се изгубија основни вредности, а тоа се работи кои се средуваат 6 до 9 месеци да се има резултати. Треба само да се работи согласно закони и луѓето да се ослободат, изјави Николоски.
Тој посочи дека за борбата со криминалот и корупцијата треба да се ослободат институциите и секторски да се направи таа битка.
– Сите знаеме кои се корумпирани доктори, но тоа треба да се истражи. Тие што не се да им се тргне таквиот имиџ, а тие што се не смее да останат доктори и да одговараат. Слушаме кои се корумпирани полицајци. Доколку во секој сектор државата удри во тие кои се симбол на рушење на системот, после тоа здравите единки ќе го градат системот, затоа што сметам дека 90% од луѓето кои работат јавна работа се квалитетни и мотивирани, но 10% го рушат угледот и тие се најагресивни и го уништуваат системот. Мора да се направи ред и битката со корупцијата да почне од најниско ниво, нагласи Николоски.