Денешните изјави на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој нема да биде дел од новата влада, според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, покажуваат дека СДСМ и Владата имаат јасна намера да направат национално предавство во однос на Бугарија и да избегаат од Резолуцијата изгласана во Собранието.

„Јас сум навистина загрижен, ние подолг временски период сугерираме дека се води капитулантска политика во однос на Бугарија. Мислам дека ставот на Македонија е јасен и е усогласен во Собранието и изгласан од сите пратеници со заедничката декларација којашто ВМРО-ДПМНЕ ја предложи, а сите пратеници вклучувајќи ги и пратениците од СДСМ и ДУИ ја гласаа“, изјави Николоски денеска од Велес.

Тој рече дека се сомневаат оти владата сака да избега од Резолуцијата од причина што едно од барањата е секаков договор или било какви заклучоци кои се во однос помеѓу односите на Македонија и Бугарија да дојде на разгледување во Собрание.

„Гледаме дека Владата тивко ретерира од таа работа, а исто така гледаме сервилност. На пример, Слави Трифунов целосно го навредуваше македонскиот народ, јас побарав да има реакција од МНР и тоа не се случи, а тоа е човек чија партија е втора партија во рамки на бугарската влада“, рече Николоски.