Тетово доживува инфраструктурен бим и тоа е за секоја поддршка и за секое поздравување, само преку програмите кои што одат преку министерството за транспорт досега има реализирано или реализира проекти од 428 милиони денари што е исклучително добра сума, а она што е уште побитно е исклучително високиот степен на реализација на истите, изјави денеска при посетата на оптина Тетово вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

-Навистина е големо задоволство кога ќе се видат завршени проекти, му честитам на градоначалникот, навистина прави одлична работа. Тетово доживува инфраструктурен бим и тоа е за секоја поддршка и за секое поздравување. Улицата „Штипска“ е дел од проектот кој што го работиме заедно со општината и со Светска банка, драго ми е дека истата е завршена, а она што со гордост сакам да го кажам дека општина Тетово, само преку програмите кои што одат преку министерството за транспорт досега има реализирано или реализира проекти од 428 милиони денари што е исклучително добра сума за реализација на инфраструктурни проекти. Но, она што е уште побитно, степенот на реализација е исклучително висок, и ако земам да ги читам сите оние завршени преокти ќе ми треба половина час, рече Николоски.

Вицепремиерот му честиташе на Касами за сработеното притоа потенцирајќи дека ретко која општина во државата може да се пофали со толкав голем број на реализирани проекти, при што соработката и поддршката ќе продолжи и во следниот период.

-Веќе поразговаравме за некои следни проекти, а ќе продолжиме тоа да го правиме и во следниот период и заеднички да работиме. Исто така работиме на поширокото инфраструктурно поврзување. Добро оди изградбата на автопатот Тетово – Гостивар, тоа е автопат кој што го започна оваа Влада, решени се сите прашања со експропријација, сега се решаваат прашањата кои се поврзани со дислокација водови, исто така не сакаме да го отсечиме населението од едната и другата страна на автопатот и затоа се работат натпатниците, односно мостовите и доколку продолжиме со оваа динамика веќе следната година ќе ги видиме првите завршени километри, а до крајот на 2028 година целосно ќе биде завршен автопатот од Тетово до Гостивар и тоа е нешто на што особено сум горд. Исто така она што сакам да го кажа е заедно со ЕУ во рамките на Планот за раст веќе интензивно работиме на документација за железничко поврзување на Скопје со Тетово и Гостивар во прва фаза со Кичево, Охрид, Струга и Република Албанија, истакна Николоски.