Владата ќе бара од ЕБОР и од ЕИБ дел од средствата за изградба на железничка пруга до границата со Бугарија да се пренаменат за изградба на брзата пруга на Коридорот 10 и рехабилитација на постојната пруга на овој Коридот, и овој проект чини 250 милиони евра, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски при увидот во изградбата на патот Ранковце-Крива Паланка.
Прашан за пругата која завршува во тунел, Николски истакна дека постои долгогодишна желба за изградба на пруга и поврзување со Софија, но за овој потег какошто вели треба сериозно да се седни со Бугарија и да се разговара.
-За овој потег треба да се седне сериозно со Бугарија, да се види дали ова е најдобриот проект, дали тие можат да го изведат од нивна страна и да има алтернативни, поевтини решенија коишто заедно би ги изградиле со коишто би реализирале проект којшто е одржлив и не е толку скапо, изјави Николоски.
Тој појасни дека во моментов постои пруга помеѓу Скопје и Куманово, а се гради и веќе е при крај првата делница која што оди од Куманово до Бељаковце.
– Истиот изведувач е којшто го гради и овој пат и работат навистина сериозно. Тоа е австриски „Штрабаг“. Понатаму, втората фаза се гради од Бељаковце до Крива Паланка, за жал оди со многу спора динамика, само 15 проценти се изградени и има несериозен изведувач на таа траса. И третата траса, оваа за која што зборуваме сега е од пред Крива Паланка до граница со Бугарија. Тој проект има неколку маани во себе. Прво, поминува низ Крива Паланка и треба да сруши 20 куќи. Тоа се 20 семејства на коишто треба да им се уништи животот. Второ, имајќи предвид дека поминува низ планински појас нема да можат возовите да се движат со повеќе од 60 километри на час, а поентата е побрзо да се стига а не поспоро. Трето, завршува во тунел којшто на другата страна не води никаде затоа што ние можеме да го изградиме само до нашата територија, а Бугарите воопшто немаат проект за од другата страна, рече Николоски.
Посочи дека од бугарска страна кај Ѓуешево има пруга, но до граница нема пруга и какошто вели Николоски на крај таа пруга не можете да ја поврзете на ништо.
-Дали ќе изградат Бугарите и кога ќе изградат е прашање на кое што до денес немаме одговор. Следно, тој проект предвидува на само 24 километри пруга да се изградат 22 тунели, што мислам дека ќе се сложите сите е нереална работа, нема изведувач во Европа којшто ќе може во период од четири години да изгради 22 тунели. Таков нема, и затоа сериозни фирми не се пријавуваат.рече Николоски.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Николски додаде дека за овие 24 километри проценетата вредност е 452 милиони евра, со надзор, техничка поддршка и електрификација чини вкупно 560 милиони евра, од коишто 350 милиони евра се кредити.
-Кредити коишто иднините генерации треба да ги враќаат со камата, што значи ова ќе е најскапата пруга во Европа. Еден километар ќе чини некаде околу 24 милиони евра. Само за споредба, брза пруга која што оди со 200 километри на час чини помеѓу 10 и 12 милиони евра километар. Обична пруга е многу поевтина. И сега се поставува логичното прашање – дали вреди да се потрошат 560 милиони евра народни пари во сиромашна Македонија каде што ние за 14 милиони евра сме благодарни за донација за пруга која што треба да уништи дел од градот Крива Паланка, да вози со 60 километри на час, да има теоретски 22 тунели и да завршува во тунел којшто не води никаде, односно во превод таа пруга никогаш нема да се заврши само што ќе ги фрлиме парите и ќе имаме ситуација каде што за 10 години уште ќе зборуваме дека пругата не е завршена, рече Николоски при увидот во изградбата на патот од Ранковце до Крива Паланка.
Фото: МИА