Во однос на техничката влада на опозицијата и припаѓаат министер за внатрешни работи, министер за труд и социјална политика и три заменички места во финансии, земјоделие и министерството за информатичко општество и администрација со врзан потпис. И тука ние сериозно размислуваме каков чекор да преземеме имајќи во предвид последните случувања, а тоа е дека власта соочена со нискиот рејтинг и со извесниот пораз на изборите се обидува да направи било какви манипулации не за да победат на избори, туку за да изманипулираат за некој пратеник плус, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за време на посетата на Кавадарци.

Николоски посочи оти јавноста ги следи случувањата со неизборот на член на ДИК.

„Имено Алијанса за Албанците стана член на Владата скоро пред година дена и со тоа го изгуби местото во ДИК. Според закон тоа припаѓа на опозицијата. Законот вели ДИК има 7 члена од кои 4 на власта и 3 на опозицијата. Во моментот тоа едно место е непополнето иако сите знаат дека треба да е на опозицијата. Иако се прекршени неколку закони имајќи предвид дека во законите има јасни норми и процедури за колку време треба да се пополни ДИК“, кажа Николоски.

Оттука, додаде тој, самото поигрување со овој процес покажува дека размислуваат за манипулации во изборниот процес.

„И во таа насока треба сериозно и ние како ВМРО-ДПМНЕ како да се поставиме во следниот период. Но, она што можам сигурно да го кажам е дека нема да дозволиме ни еден глас на граѓаните да биде изманипулиран и волјата на граѓаните да биде изманипулирана. Или треба точно сите оние кои се за промени и кои ќе поддржат промени да знаат дека гласот нивни ќе биде валидиран без никакви манипулации на изборите“, заклучи Николоски.

Што се однесува до скандалот со Онкологија, Николоски истакна:

-Она што би сакал на почетокот да го кажам е дека огромниот скандал кој што беше врзан со лечењето на болните од малигни болести и случувањата на Клиниката за онкологија, како што гледате власта целосно се обидува да го стиши.

Имено, ни истрага не се отвори за манипулациите, за кои што јавно се говореше и за кои што собраниската Анкетна комисија донесе соодветни ставови кои што беа презентирани низ повеќе испрашувања кои што ги правеше истата таа комисија. Сите се свесни дека скандал има. Сите се свесни дека има потенцијални неправилности, но власта сакајќи да ги затскрие и да ги заштити првенците на власта кои што очигледно се дел од овој скандал, не отвори ни истрага како што кажав. А, најверојатно и најбитната причина зошто не отвораат истрага е затоа што сакаат да ја заштитат веледрогеријата која што е еден од најголемите донатори на СДСМ во моментот. Но, тие активности и тоа што го прават со заштита на оваа омилена веледрогерија и првенците на власта за жал чинат човечки животи. И да кажам дека после парламентарните избори кои што ќе се случат на 8-ми мај, ова ќе е една од првите активности која што ќе ја преземеме за да се побара одговорност во однос на овој случај.

Денес исто така ќе имаме средба и со пензионерите со кои што ќе зборуваме за состојбата во која што живеат. Наш план е пензиите да растат и да се зголемуваат, имаме конкретно ветување дека во рок од една година пензиите линеарно ќе пораснат за 5.000 денари по пензионер, што е едно сериозно зголемување во однос на ова што сега го има како пензии. И имаме план како и понатака после тоа да пензиите се прилагодуваат на потребите и на животниот стандард.