Амбасадорка на САД во Македонија, Ангела Агелер, во интервју за Радио Канал 77 во емисијата „Стадион“ говореше за повеќе актуелни прашања, како „епидемијата на корупција“, очекувањата од нови имиња на „црната листа“, интегритетот на судиите и обвинителите и нивната улога во реформирањето на државата и општеството, очекувањата на граѓаните….

Притоа Агелер, кажа дека со поранешниот премиер Зоран Заев разговарала многу, но не во последно време и дека неговиот настап и заземање за својот пријател Кочо Анѓушев, кој неодамна беше ставен на американската „црна листа“, е негов став и дека тој има право да го прави тоа

-Со поранешниот премиер сум разговарала многу, иако не во последно време. Тој настапи и се зазема за свој пријател и секако има право да го стори тоа, рече Агелер.

Таа додаде дека ставањето на одредени лица на „црната листа“ на САД е прашање на законите на САД, а исто така и на тоа какви се односите на означените лица со САД, односно дали им е дозволено да одат таму, дали нивниот имот во САД е запленет или, пак, дали нивните американски банкарски системи и банкарски услуги ќе им бидат затворени. Ова, секако, не претставува барање до македонските институции да преземат одредени дејствија иако, како што кажа, неодамна бил усвоен закон според кој ако САД, како и ЕУ и ОН, именуваат некого, органите на прогонот и обвинителството, како и Единицата за финансиско разузнавање, ќе почнат проверка на нивниот имот и дали имотот треба да биде предмет на одземање или други поврзани прашања, или не.

– Ние немаме улога на орган на прогонот во земјава, но се надеваме дека информациите што сме ги собрале, најголемиот дел од нив се собрани овде, дека ќе има луѓе во органите на прогонот и правосудството што ќе работат на тие случаи, и ќе ги повикаат таквите лица на одговорност за нивните постапки. За нешта за кои сме покажале со докази дека претставуваат криминал, организиран криминал, активности во областа на финансискиот криминал и корупција, вели американската амбасадорка.

На новинарско прашање дали ако има епидемија на корупција во државава ќе има и епидемија на нови лица на црната листа амбасадорката одговори потврдно, дополнувајќи дека тие единствено прават правна формулација, а што ќе се случува понатаму, зависи од граѓаните на државава и од службениците на оваа држава.

-Она што ќе ви кажам е дека сум импресионирана дека граѓаните, реакциите на граѓаните што сум ги добила за секое именување се убедливо позитивни. Реакцијата што веројатно најчесто ја добиваме е, ве молиме, додадете уште имиња. Дали поентата е Амбасадата на САД да има таква листа? Не! Всушност, би било супер да нема веќе корупција и да немаме други имиња да спомнеме. Не мислам дека тоа ќе се случи во скора иднина. Вие мислите така? Сигурно има уште многу кандидати, рече Агелер.

Амбасадорката говореше и за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска. Таа посочи дека институциите биле свесни дека осомничените биле криминалци – но не ги санкционирале. Таа посочи: „Вања ја плати цената“.

-Дозволете да ви кажам искрено, како што претходно денес реков, системот не успеа да и помогне на таа млада девојка. Се работи за криминалци за кои се знаело дека се криминалци, дека се насилни и не се во затвор. Не биле претходно апсени и затворени. Не биле апсени и гонети за нивните претходни злосторства, не морале да ја платат таа цена, па цената ја плати една млада девојка. Вања ја плати цената, рече амбасадорката Агелер.

Таа додаде дека институциите треба да се погледнат себеси и да се запрашаат дали можеле да ја спасат Вања.

-Апасолутно е срцепарателно. Сега не е време за политизација, туку време за институциите да фрлат еден безмилосен поглед на себе и да се прашаат: Што можевме да сториме за да ја спасиме оваа млада девојка и сите други деца во земјава? Зошто дозволуваме криминалците слободно да се движат и да вршат злодела врз кого било во државата? Ова е трагедија, додаде Агелер.