Во вечерашното издание на дебатната емисија “360” на Телевизија Алсат гостуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието на Република Македонија, Александар Николоски кој се осврна на можната коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците на претстојните локални избори, како и на моменталните политички случувања.

Николоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ почна со средби со граѓаните низ сите градови во Република Македонија. Според Николоски, претстојните локални избори се одлична и голема шанса за ВМРО-ДПМНЕ да освои што е можно повеќе општини во земјата, за потоа да има причина да побара и предвремени парламентарни избори.

Николоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ соработува одлично со Алијанса на Албанците и Алтернатива, а пример за тоа е беспрекорното функционирање во Собранието на Република Македонија како опозициски партии. Николоски посочи и дека на последниот собир организиран од фондацијата “Конрад Аденауер” присуствувале претставници на овие две партии, што е доволен показател за добрите односи и позитивното расположение во однос на можна коалиците помеѓу овие партии.

Сметам дека коалицијата е можна и многу порано пред локалните избори, доколку се конкретизира моделот на коалицијата и начинот на кој таа коалиција би функционирала. Добро е што опозициските партии се сплотени и целта на овие партии и крај на овој хибриден режим и градење на едно ново општество кое што ќе нуди успех на сите граѓани, додаде Николоски.

Николоски беше дециден дека сите можни коалициски партии имаат исти гледишта на моменталната ситуација во државата и тоа е главниот двигател кој е заеднички за сите, бидејќи заедничката цел е иста. Главен императив на опозициските партии кои што би коалицирале со ВМРО-ДПМНЕ е оваа ненародна власт да си замине и да се формира ново парламентарно мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, заврши Николоски.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ