Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска претстојува во работна посета на Будимпешта, Унгарија, каде оствари работна средба со политичкиот директор на шефот на Владата на Унгарија Балаш Орбан.
На средбата, како што информира Министерството за транспорт, беа потврдени одличните политички и економски односи меѓу двете земји, а посебен акцент беше ставен на финансиската поддршка од 500 милиони евра што Унгарија ја овозможи на Македонија за поддршка на домашната економија.
Николоски изразил огромна благодарност до унгарскиот колега Орбан и ја потенцирал подготвеноста на Владата за обезбедување на забрзан економски развој и унапредување на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
– На средбата се потврди подготвеноста на Унгарија за обезбедување на потребните ресурси за справување со пожарите во нашата земја преку последната одлука на унгарската влада да испрати противпожарни возила, се вели во соопштението.
Николоски ја истакнал цврстата заложба на Владата за спроведување на потребните реформи и била истакната важноста на евроинтегративниот процес за одржување на стабилноста на регионот.
– Политичките односи помеѓу двете земји се на високо ниво, истакна Николоски, нагласувајќи ја важноста од поддршката што ја овозможува Унгарија за Македонија во насока на забрзување на евроинтегративниот процес.
Покрај разменета на мислења во врска со билатералната соработка меѓу двете земји, вицепремиерот и министер за транспорт Николоски ги претставил и приоритетите на Владата во делот на условите и привлекувањето на странски инвестиции.
– На средбата се отворија и прашањата за безбедноста во регионот и Европа, притоа заменик-претседателот Николоски нагласи дека Македонија останува на курсот за активно учество за промоција на стабилноста и безбедноста преку одбранбените иницијативи на Европската Унија и НАТО за зајакнување на трансатлантска безбедност. Двајата соговорници се согласија дека соработката меѓу двете земји ќе продолжи на високо ниво, зголемувајќи ја преку искуствата на унгарската влада во европските процеси, се наведува во соопштението од Министерството за транспорт.
Фото: Министерство за транспорт