Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски е задоволен од реализацијата на патот Охрид – Кичево и очекува, како што изјави денеска, да се исполни ветувањето – во првиот квартал од 2027 година овој патен правец да биде целосно ставен во функција.
Според Николоски, во септември се очекува да биде најавена изградбата на автопатот Кичево – Букојчани, околу 12 километри, кој треба да ги спои Стража со автопатот Охрид – Струга – Кичево.
-Во однос на најтешкиот дел од автопатот Охрид – Кичево, од Извор до Врбјани, две галерии се целосно звршени, третата е со 70 отсто динамика, а четвртата со околу 50 проценти. Во тунелите се поставува софтевер, сигнализација за следење на сообраќајот и за рано предупредување од пожари, вентилациски системи, како и супермодерен контролен центар. Очекувам во октомври оваа најтешка делница од автопатот да биде ставена во функција. Потоа ќе остане да се реши уште делот кај Ботун и како што ветивме, во првиот квартал од 2027 година автопатот да биде целосно ставен во функција. Но, не застануваме тука, знаете дека се градат патиштата Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани. Очекувам добри вести од ЕБОР и во септември да најавиме изградба на уште еден автопат Кичево – Букојчани, 12-на километри, кој треба да ги спои Стража со автопатот Охрид – Струга – Кичево, истакна Николоски, одгоорајжи на новинарски прашања по работната посета на општина Струга и средбата со градоначалникот Менди Ќура.(МИА)




