Земјата којашто пред две години беше заробена и изолирана денеска е најсветол пример, изјави денеска генералниот секретар на СДСМ и доскорешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски.

– Владата, премиерот и СДСМ се целосно посветени на евроатлантската интеграција, изјави Николовски на прес-конференција.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека е истечен рокот за формирање работни групи за забрзување на процесот за добивање датум, тој натаму истакна:

– Не сум запознаен за каков тип на работни групи се работи, меѓутоа она што го прави Владата, она што го прави претседателот на Владата и партијата е целосна посветеност на евроатланската интеграција. Земјата којашто пред две години беше заробена, изолирана денеска е најсветол пример, посочен од сите меѓународни истанци и оваа земја е земја којашто се зема како пример и во решавањето на сите проблеми, но и во делот на добивањето на најпозитивен и конкретен извештај за напредокот на земјата кон ЕУ, истакна Николовски.

Според него, додека СДСМ и нејзините капацитети се целосно фокусирани во тој правец, ВМРО-ДПМНЕ е заглавена во минатото.

– Од другата страна имаме политичка партија која што е заглавена во минатото во една изолирана земја, режимска земја, партија којашто не понуди досега ниту кадровски, ниту програмски, ниту било какви други промени или капацитети и потенцијали. Нивна единствена цел е да нема правда во државата, да ја опструираат правдата и владеењето на правото без ниту една друга цел, напротив спроти една таква структура која што не нуди никаква перспектива на земјата, ние сме далеку од тој правец и еве како што гледате и денес, не само што ја одглавивме, не само што земјата е светол пример, не само што имаме огромни економски резултати, туку за дел од пораките на граѓаните упатени на последните претседателски избори презедовме акциски план за отстранување на нашите слабости и целосно фокусирање кон она што се потреби на граѓаните, изјави Николовски. 

Тој додаде дека СДСМ како модерна, европска политичка партија ќе биде целосно прилагодена на потребите на граѓаните.