Никој не смее да биде заштитен од страна на политичките партии, никој не смее да биде над законот, изјави вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, во вечерашното интервју во емисијата „Само интервју“, на ТВ Канал 5.
– Неприфатливо е да нема завршница на предмети, тоа предизвикува демотивација кај граѓаните. Институциите мора да бидат капацитетни и да одговорат на сите предизвици, еднакво кон сите. Мојот план е работите да се менуваат во тој правец, рече Николовски.
Тој порача дека примените на законите мора да продолжат, да се коригираат и отстранат сите системски слабости.
Осврнувајќи се на работата на министрите и директорите, како и за намалување на дискреционите права на функционерите потенцираше дека ќе бара од сите министри и директори висока отчетност за нивната работа.
-Директори на јавни претпријатија земаат поголема плата од претседателот и премиерот. Јавноста не ги знае, а имаат највисоки плати, највисоки привилегии. Не може да имаат такви примања тие директори и да не носат одговорност. Во нашето живеење се вкоренети навики каде се мора да е со протекции и врски. Баш против тие протекции ќе се борам. Дневно имам илјадници пораки од граѓани за ситни потреби. Тие самите се научени дека така полесно доаѓаат до решение. Јас одговарам на сите и ги процесирам тие работи колку што можам, но мораме да го промениме системот за да граѓаните почнат да веруваат дека преку системски и институционален начин тоа можат да го остварат. Сум бил министер и знам како се одвиваат внатре работите и се префрла одговорноста – не е до мене, до друг е. Мораме навиките да ги промениме секаде и затоа е оваа координативна функција воведена, рече Николовски.
Задоволен е од резултатот на изборите на кои СДСМ по 18 години освои победа на кои било парламентарни избори, а првпат победи од позиција на власт.
-На слободни фер и демократски озбори, граѓаните ни ја дадоа поддршката и го трасираа патот дека продолжуваме по евроатланскиот пат, ги поздравија одлуките по овие исклучително тешки околности по приемот во НАТО, почеток на преговорите со Европската унија, нагласи Николовски.
Победата, довербата и одговорноста ја добивме од граѓаните по носењето на крупни историски одлуки, кои многу генерации на политичари одбегнуваа да ги носат, но се погоди оваа гарнитура, овие луѓе, кои храбро влегоа и ги донесоа одлуките, без оглед на рејтингот, на позициите, дали ќе продолжиме да ја партиципираме власта или не – тое се одлуки за иднината на сите генерации и сега треба да се свртиме кон внатрешните реформи, трансфомирање на системот и во овие години, во овој чист мандат секако дека ќе бидеме храбри, решителни, одлучни, бидејќи граѓаните еднаш ја даваат довербата и сметам дека не треба да ја изневериме, туку да ја оправдаме, порача Николовски.
Тој вели дека нудат чесни, одговорни и отчетни кадри и најавува дека неселективно ќе се борат против корупцијата.
-Верувам во капацитетот, верувам дека ќе понудиме чесни одговорни и отчетни кадри, дека многу работи ќе бидат променети, не само кај ДУИ, туку и кај СДСМ, сите треба да се менуваме да го менуваме начинот и менталитетот и како живееме и работиме, но сметам дека имаме стабилен партнер, нов чист четиригодишен мандат, во ко можеме да ги покажеме резултатите и да потврдиме. Тоа времето ќе го покаже, дека навистина ги почитуваме принципите на договорот и дека се држиме до темелите, до цели и вредности до она што сме се договориле да го градиме како стандард, потенцира Николовски.
Граѓаните, дополни, си го кажаа својот збор на изборите, го покажаа патот, на кого ја даваат довебрата во рамки на политичките партии во парламентот и затоа коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ, Коалицијата Можеме и ДУИ го дава мнозинството заедно со останатите и направивме коалициски договор кој нема ни еден националистички збор, порака, барање или било што.
-Јас ги водев преговорите, принципиелно разговаравме со Артан Груби повеќе од 35-36 дена за темелите на коалаицискиот договор, дека борбата против корупцијата мора да биде неселективна, дека граѓаните ја очекуваат правдата, дека само тоа е темелот на кој можеме да постигнеме договор, рече Николовски.