Целосно ги демантирам лагите објавени на одредени медиуми, познати како извори на лажни вести за наводни карантини на функционери на СДСМ, поврзано со вирусот корона, објави денеска генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.
– Лажни се вестите дека директорката со симптоми на вирусот била на партиски состаноци и координации, а уште поголема лага е дека присуствувала на мојата свадбена веселба. Апелирам, јавноста, граѓаните да не подлегнуваат на лажни вести и целосно и редовно да се информираат исклучиво преку Министерството за здравство и министерот Филипче кој редовно и темелно известува за состојбата со вирусот Ковид – 19. Институциите прават сѐ и се подготвени да се справат со опасноста од ширење на вирусот, објави Николовски на Фејсбук.
Инаку денеска министерот Венко Филипче објави дека директорката на Клиниката за кожни болести во Скопје, Нина Цаца Биљановска, е четвртиот пациент со коронавирус во Македонија.
Таа била на скијање во Италија, каде најверојатно била заразена, а откако се вратила на работа наводно криела дека е заразена и барала да не биде пријавена.