Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска уште еднаш порача дека граѓаните не треба да се грижат зашто храна ќе има доволно.
Како што истакна Николовски во гостувањето на Телевизија 24, пикот на кризата со храната се очекува во следните две години и затоа сега треба да го фатиме чекорот. Во овој контекст, укажа, добро е што се воспостави Отворен Балкан, иницијативата која значи тргање на сите бариери во регионот за слободен проток.
Увоз на пченица ќе има, рече Николовски, особено од Србија, зашто немаме доволно квалитетно лебно жито.
Буџетот за земјоделството, пак, нема да се намалува, посебно не сега, во време на криза.
-На секој начин имаме обврска да креираме политики за граѓаните да не се грижат и да имаме доволно храна. Според ФАО, борбата ќе биде за доволно храна од една страна, но од друга, може да заборавиме на евтина храна. Прашањето веќе е цената на производството поради поскапувањето на репроматеријалите. Ова е сериозен предизвик, нагласи министерот.
Тој потсети дека Владата уште пред кризата го донесе Националниот план за производство на храна.
Во гостувањето Николовски се осврна и на новиот модел за субвенционирање што беше соопштен и презентиран вчера. Новиот модел, подвлече, предвидува авансни исплати на поддршката, основни и дополнителни субвенции, а парите ќе одат кај вистинските производители.
-Со новиот модел кој претставува историска, сериозна промена во македонското земјоделство по 15 години, точно се знае што е приоритет. Досега 85 култури биле поддржувани и само се додаваа нови. Сега велиме, 24 се битни и тие ќе добијат поголема поддршка ако се зголеми приносот и ако се предаде на домашните капацитети, потенцира министерот.
Земјава, оцени Николовски, има стратегија и целосно е усогласена со ЕУ. Донесени се сите документи, а годинава ќе биде донесен и Акцискиот план.