Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски денеска на прес-конференција изјави дека Владата има 24 часа да го обезбеди Сашо Мијалков, поранешен функционер и член на оваа партија.
Тој рече дека премиерот Зоран Заев му овозможил да избега на Мијалков како награда за, како што кажа, уништување и разнебитување на Македонија.
-Оливер Спасовски молчи, Радмила Шекеринска ја нема никаде, а Зоран Заев жали и ја префрла вината. Имаат 24 часа да го обезбедат бегалецот од правдата. 24 часа, Зоран Заев, Оливер Спасовски и останатите од Владата да го обезбедат бегалецот од правдата. За тоа што се што зборувавме изминатите години, а и што го зборуваме денес се потврдува, а тоа е дека со Македонија владее криминална коалиција, која што ги руши основните вредности, која што го руши системот на владеење на правото, која што го уништува нормалното живеење во Македонија, која што влијае врз бизнисите и истите ги рекетира или ги презема. Со Македонија владее крими – коалиција. И за тоа очекуваме во следните 24 часа да го обезбедат бегалецот од правдата, рече Николовски.
Потсети дека ВМРО-ДПМНЕ ја обзнанила, како што кажа, криминалната коалиција на 22 октомври 2018 година и оти ја сочинуваат премиерот Зоран Заев, неговиот брат Вице Заев и Сашо Мијалков. Според него, владеењето на оваа коалиција во текот на изминатиот викенд ја добило својата кулминација.
-Како што знае целокупната јавност на 22 октомври 2018-та година кога го исклучивме Сашо Мијалков од членство во ВМРО-ДПМНЕ, јавно обзнанивме дека постои криминална коалиција Зоран Заев, Вице Заев, Сашо Мијалков која што не само во овие три години туку 15-тина години наназад работи на уништување и разнебитување на Македонија. Наградата за тоа уништување и разнебитување на Македонија од Зоран Заев стигна овој викенд на начин што се овозможи да се избега од правдата. И во овој момент имаме бегалец од правдата, рече Николовски.