Зелената транзиција е еден од клучните приоритети на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство (МЗШВ), покрај другите реформи кои ги спроведуваме и верувам дека заеднички со одговорните компании и институциите ќе придонесеме да ја менуваме свеста, да се однесуваме одговорно и да имаме што повеќе и подобри вакви успешни примери, изјави ресорниот министер Љупчо Николовски при денешната акција за пошумување под мотото „Пошумуваме заедно за позелено утре” во скопско Миладиновци.

Акцијата е организирана од компанијата „ДМ Дрогерие Маркт“, со поддршка од Национални шуми, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“. Преку 300 луѓе се приклучија на акцијата, а на 10 хектари во Миладиновци се засадија преку 27 илјади садници.

Министерот Николовски најави дека следната година ќе го дуплираат буџетот, ќе ја зголемат Програмата за проширена репродукција и верува оти ќе ги мотивираат сите субјекти на ваков одговорен пристап.

 

– МЗШВ и институциите максимално се посветени и даваат целокупна поддршка на целиoт овој процес. Денеска асистираме со „Национални шуми“ во целата оваа убава акција меѓутоа и преку нашите програми засилено работиме на што повеќе површини хектари да бидат пошумени и онака како што треба, професионално и стручно. Затоа овие денови бевме во Петровец, во Велес, поголеми акции преку Програмата за проширена репродукција на МЗШВ заедно со „Национални шуми“. Продолжуваме на 3-ти следната сабота на 50 хектари во кривопаланечко и Ранковце, во Кочани, во скопско, рече министерот Николовски.