Ставање крај на оправдувањата „не е до нас / не е до мене“ кои се одомаќинети низ институциите, широка и обврзувачка транспарентност, заштита на слободата на медиумите, институционална поддршка на силна и независна ДКСК, немање толеранција при откриени злоупотреби, зголемување на мотивацијата и ефикасноста на човечките ресурси во владините институции, се дел од надлежностите и работата на тимот на вицепремиерот за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурски Љупчо Николовски.

Тој во интервју за МИА вели дека неговите напори и напорите на луѓето од неговиот тим ќе бидат соодветно посветени и на спречување злоупотреби, и на развој и на ефикасноста на човечките ресурси. Николовски не очекува опозицијата да ја поздрават борбата против корупцијата, односно дека не очекува поддршка од оние кои, како што рече, преку корупцијата изградија партиски бел дворец.

Г-дине Николовски, честитки за новата функција. Сосема нова позиција во Владата. Дали е одговор на критиките од граѓаните, некаква порака или дел од програмските определби на новата Влада?

Ви благодарам. Особена чест што ми е доделена довербата за оваа нова позиција во Владата, којашто е особено одговорна и со висока цел, создавање на функционален систем ослободен од корупција. Позицијата во себе ги содржи сите овие три сегменти што ги посочувате во прашањето. Првенствено ќе дејствувам да им се обезбеди на граѓаните она што им треба. Граѓаните бараат упорност и одговорност, односно да се стави крај на оправдувањата „не е до нас / не е до мене“ кои се одомаќинети низ институциите. Тоа се оправдувањата дека друг е надлежен, дека друга институција не постапила. Луѓето сакаат да им се решаваат проблемите, а не главоболки и нови проблеми кога ќе тргнат низ ходниците и лавиринтите на институциите. Кога на ова ќе додадеме и корупција и политички злоупотреби, доаѓаме до листата на најголеми непријатели на граѓаните, на институциите и на чесните политичари. И во тој контекст пораката е јасна – нулта толеранција за корупција, двојно повеќе работа и многу повеќе ред, дисциплина и правда.

Ние сме одлучни и решени да водиме бескомромисна борба со секој што оној што учествува во корупција. Свесни сме дека целиот процес не може да заврши преку ноќ, но во четиригодишната програмата на Владата поставивме јасни столбови во борбата против корупција, преку воспоставување јасни и соодветни механизми за интензивна соработка меѓу сите надлежни чинители, преку силна политичка волја и преку мотивација на секој граѓанин да се приклучи во искоренувањето на оваа девијантна појава.

Што ќе работите како вицепремиер за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси? Ова е навистина широк спектар на зони од интерес…

Ова е координативна позиција која за успех бара силна соработка, заедничко креирање стратегии и нивна иммплементација со сите ресори и институции под извршната власт во зоните на борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси.

Како координатор со оваа позиција, ќе имам прилика да ги увидам работите од поширока перспектива и да учествувам во реализирање на Владината програма, преку иницирање, надгледување и спроведување политики во максимална соработка со останати министерствата, комисии и државни органи пред се, но и со бизнис заедницата, меѓународните партнери, невладините организации итн.

Борбата ќе се води преку многу канали. Широка и обврзувачка транспарентност, заштита на слободата на медиумите, институционална поддршка на силна и независна ДКСК, немање толеранција при откриени злоупотреби, обезбедување подобро и поефикасно услужување на граѓаните, подобрување на внатрешната комуникација меѓу институциите, зголемување на мотивацијата и ефикасноста на човечките ресурси во владините институции итн.

Ќе инсистирам на зголемена транспарентност на сите нивоа на власт, на намалување на дискреционите права на функционерите и ќе се обидам да реагирам на сите сомнежи околу злоупотреба на позиција или моќ.

Ќе воспоставиме одржлив развој и напредок во образованието, заштитата на животната средина, дигитализацијата, здравствениот систем, условите за водење бизнис.  Една од нашите приоритетни заложби во периодот кој следи е да се креира национален развоен план за одржлив развој. На оваа тема веќе развогарав и со постојаната координаторка на Обединетите Нации во земјава, Росана Дуџак. Ги реафирмиравме нашите заложби кон глобалните цели за одржлив развој и спроведување  на тековните активности од страна на државните институции во делот на имплементација на Агендата 2030, односно исполнувањето на приоритетните цели за одржлив развој.

Конкретно, не можеме да очекуваме напредок во политиките што ќе ги спроведуваме, ако немаме одржлив развој. Или пак како да очекуваме напредок доколку вистинските луѓе не дојдат на вистинските позиции. Токму затоа, важно е да напоменам дека моите напори и напорите на луѓето од мојот тим ќе бидат соодветно посветени и на спречување злоупотреби, и на развој и на ефикасноста на човечките ресурси.

Може ли да дадете некој поедноставен пример за тоа како конкретно би одела оваа меѓу-ресорна соработка?

Работата започнува со разговори околи идеи и иницијативи, а веднаш после тоа поставување јасни цели. Тие можат да дојдат од секого, без разлика дали станува збор за мојот тим, самите министерства, бизнис заедницата, невладините организации или здруженија на граѓани и сл. Потоа ќе следува анализа на истото и изработка на проектна оправданост. По ова  доаѓа клучниот момент, а тоа е изработка на план за институционална соработка која ќе биде значајна за испораката на резултати.  Ќе се анализираат и законите и праксата, ќе се најдат болните точки на чие решавање треба да се делува. Резултатите можат да бидат валоризирани во форма на пакет измени на закони, автоматизирање на одредени процеси, насоки за делување во одреден правец итн.

Воедно, би сакал да ја појаснам и соработката со ДКСК, разбирливо е зошто луѓето би имале дилеми од типот – “зошто позиција на анти-корупционер кога имаме анти-корупциска”?

Позицијата воопшто не се коси со ДКСК, туку напротив, воведена е за да ја подобриме соработката меѓу извршната власт и самата комисија. Дури и ГРЕКО, анти-корупциското тело на Советот на Европа напиша во извештајот усвоен март 2019-та година дека препорачува определување член на Владата или на ДКСК за токму таа цел. Во таа насока доаѓа и предлогот на премиерот за ангажирање вицепремиер со таа задача, во овој владин состав.

Очекувате ли опструкции од другите институции, може ли една добра намера да се заплетка во надоречени административни надлежности кои нема да зависат од вас туку од праксата на други институции?

Велат „патот кон пеколот е поплочен со добри намери” така? Искрено, очекувам максимална соработка. Впрочем, ова е тоа за што ќе се бориме. Да ги затвориме тие недоречености и административни дупки кои се јавуваат со немање координација и меѓуинституционална соработка. Да не ме разберете погрешно, јас сум многу свесен дека ова е многу тешка борба. Но, секој прогрес е тежок. Исто како и малото дете кое кога учи да оди. Неговиот прогрес доаѓа преку тоа што мора да падне еднаш, два пати, десет пати… Но, токму затоа и на крај успева, учи и проодува. Граѓаните сакаат прогрес, а ние не смееме да се плашиме и не се плашиме од тешкотиите на патот кон прогресот.

Како ќе ја дефинирате работата – ќе носите одлуки консензуално со другите вицепремиери или директно со владата или премиерот?

Како што кажав, како координативна позиција во многу што слична на позицијата на вицепремиер за економски прашања, успехот на истата зависи од тимската работа и соработката. Таа координација ги опфаќа сите ресори и институции под извршната власт кои работат на овие проблематики. Апсолутно, одлуките ќе се носат со нив, секако со согласност на владиниот состав на седница како што е редот и процедурата.

Како ќе се спои позицијата генсек со оваа позиција?

Со оглед на тоа што не раководам со конкретно министерство, туку учествувам како координатор во насока на зголемување на ефикасноста во работењето, тука нема некои пречки. Впрочем, не станува збор за спојување, ниту може и ниту смее да има спојување на партиската со владината функција, туку напротив, јасна граница каде завршува партијата и каде почнува државата, односно Владата. Јас на двете одвоени позиции изградив два одлични тимови кои максимално пожртвувано работат во и ги следат своите задачи, во својот делокруг на работа.

Опозицијата уште непочнати го прогласи ова за неуспешно. Каква улога очекувате да игра опозицијата во сето ова?

Не можам да очекувам да ја поздрават борбата против корупцијата оние кои преку корупцијата изградија партиски бел дворец. Свесен сум дека опозицијата има свои грижи кои верувам дека ќе сака да ги реши што побрзо и искрено се надевам дека тоа нема да и одземе премногу време и внимание. Нам ни треба конструктивна опозиција. За време на целата изборна кампања говорев и стојам на тоа, дека време е да имаме политика во која владата и опозицијата работат заедно за консензуалното добро. Мислам дека сме демократски зрели да имаме политичка реалност во која опозициските предлози што вредат се прифаќаат без збор, во која има вистинско обединување на националните интереси од сите сериозни партии! Ова не е време за поделби. Време е за промени и време е за обединување. Државните цели за кои сметам дека имаме консензус и краткиот период во кој истите треба да се остварат, бараат многу работа и многу соработка.

Македонскиот народ водел многу борби во минатото и секогаш поделбите носеле неволја и уназадување. Уверен сум дека само успесите можат да не обединат, но за истите е потребна цврста соработка. Успесите ќе не обединат и обединувањето ќе ни донесе успех. Едното без другото не може.

Отвореноста со новинарите се надевам нема да се доведе во прашање. Особено што ќе се соочите со шкакливи теми и клиентела во бели ракавици…

Една од моите заложби е и зачувување и унапредување на слободата на медиумите и слободата на говорот. Во никој случај нема и не смее да се доведе во прашање отвореноста со новинарите. Таа само ќе се подобрува. Вие сте и очите, и ушите и гласот на народот, кога се работи професионално, новинарството навистина е една од најдоблесните и најкорисни занимања што постојат во општеството. Токму затоа сакам да ја искористам приликата да ги поздравам и поддржам професионалците во новинарската фела како херои кои искрено сметам дека не ја добиваат благодарноста што ја заслужуваат.

Борис Куноски

фото: Фросина Насковиќ