Мора да се снабдиме со храна зашто доаѓа тешка зима. Отсега натаму не може да има забрани за извоз на земјоделски производи меѓу Албанија, Србија и Македонија, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во врска со бенефитите од Договорот за обезбеденост со храна што денеска беше потпишан од трите земји  во рамки на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград.

За Дневникот на ТВ Сител тој појасни дека Договорот значи користење на капацитетите на државите од иницијативата „Отворен Балкан“ и дека во услови на криза тој е гаранција дека ќе има доволно храна за граѓаните од сите три земји.

– Тоа што ние го немаме, имаме гаранција дека ќе го обезбедат Србија и Албанија, тоа што тие го немаат, ќе го обезбедиме ние. Со Договорот гарантираме дека ќе обезбедиме доволно стратешки култури, доволни пченица, пченка, јачмен, млеко, месо, ориз, зејтин, сѐ што е стратешко во една ваква криза да има за сите луѓе. И ќе има доволно храна, ќе има доволно производи и граѓаните на овие три земји не треба да се грижат, рече Николовски.

Согласно Договорот, се формира комисија која ќе се грижи за складирањето и обезбеденоста на овие производи така што, рече Николовски, ќе нема пречки и застои на границите, ќе нема царини и документи.

– Обезбедуваме механизам со кој ќе нема прекин во снабдувањето со храна во овие три земји. Имаме брзи траки, со заемно усвојување на сите овие документи се признаваат лабораториските анализи, тоа значи дека производите нема да скапуваат на границите додека стигнат во рафтовите во друга земја во рамки на „Отворен Балкан“, додаде Николовски.