Американски командоси се во Израел за да помогнат во напорите за лоцирање на заложниците кои се држат во Газа од нападот на Хамас на 7 октомври, пишува Њујорк Тајмс.
Во извештајот се цитира Кристофер П. Мајер, помошник секретар за одбрана. – Ние активно им помагаме на Израелците да направат голем број работи, вели тој.
Мајер изјави дека главната задача е да се помогне при „идентификување на заложниците, вклучително и американските заложници. Навистина е наша одговорност да го сториме тоа“.
Официјални лица кои побарале да бидат неименувани, за Њујорк Тајмс изјавија дека се испратени неколку десетици американски припадници на силите за специјални операции, покрај тимот кој веќе бил во Израел на обука. Покрај помошта за лоцирање на заложниците, американските трупи ќе се користат и за евакуација и за обезбедување на амбасадите во регионот доколку е потребно.
Во написот се тврди дека неколку западни земји тајно ги преместиле своите специјални сили поблизу до Израел за да помогнат во потенцијалното спасување на заложниците или за големи евакуации од Израел или Либан доколку борбите се прошират.
фото: ЕПА