Во објаснувањето за контра-офанзивата која ја подготвуваат во Европарламентот за Резолуцијата која треба да го потврди македонскиот идентитет и јазик, Бугарите несакајќи признаа зошто толку притискаат за уставни измени кај западниот сосед.

Нивниот експерт и ексминистер Бојко Ноев, ја демистифицира официјална Софија и јасно предочи која е интенцијата и причината за толкав притисок затскриен во обланда на наводни човекови права: „Уставната еднаквост за Бугарите значи нивно право на свој јазик, култура, квоти во државната администрација и голем број други експлицитно регулирани права – како и за сите други,“ потсетил Ноев во разговорот за EUalive.

Предочи и дека тие типуваат на сите оние десетици илјади Македонци кои од економски причини (за да возат камион и работат во ЕУ) ќе бидат дел од големата лага за илјадници Бугари во МКД и катализатор на прикаската за идна бугаризација на Македонија. Очигледен е стравот од новиот моментум кој го создаде Владата на премиерот Мицкоски за Македонија, гарнитура која не оди по принципот купи-продај на Заев и Ковачевски.

Ова фројдовско признание на Бугарите дојде вклопено со информацијата дека бугарскиот парламент подготвува декларација за отфрлање на неодамнешните обиди за протуркување на „план Б“ за отклучување на почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ со Македонија, која несреќно ја пренесе EUalive.

Според изворите на порталот, бугарските пратеници ќе реагираат на она што се смета за обид на Скопјe да избегне промена на уставот за да го вклучи бугарското малцинство. Во текстот, каде јасно се наведува новата реторика на ЕУ која ги исплаши Бугарите, стои:

„На 15 мај, претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, наиде на значителна пречка во Скопјe, каде што Мицкоски цврсто ја отфрли измената на уставот за да се вклучи бугарското малцинство – клучен услов на ЕУ за унапредување на процесот на пристапување на земјата во ЕУ.

Но, на 23 мај, потпретседателката на Комисијата на ЕУ и висока претставничка за надворешна политика, Каја Калас, исто така, го посети Скопјe и даде поинаква порака. На прашањето од новинар за изјавите на Мицкоски дека верува дека ЕУ ќе најде „механизми“ за деблокирање на процесот, таа одговори:

„Знаеме дека има пречки на патот и разговаравме и за нив за да да се најдат вистински механизми за надминување на овие пречки. Значи, секако, премиерот може подобро да ги објасни своите идеи, но мислам дека дефинитивно има простор [за] дејствување. Не би навлегувала во детали ако продолжиме понатаму. Потоа, секако, ќе го известиме и печатот.“

Австрија наводно понудила да посредува во спорот меѓу Бугарија и Македонија околу вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот. Австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер ја посетила Македонија на 16 мај. Таа ја понудила Виена како неутрално место за разговори на високо ниво меѓу Бугарија и Македонија, иако Бугарија не гледа причина да преговара за нешто што е договорено на европско ниво.

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, за Радио Слободна Европа изјави дека го поздравува гестот на Виена, но останува претпазлива во врска со резултатите. Таа предупреди дека дури и ако започнат преговорите со Софија, тие би можеле да бидат попречени од нови бугарски барања.

На 26 мај, EUalive побара од Министерството за надворешни работи на Бугарија да ги коментира навестувањата за „план Б“ и извештаите за австриско посредништво меѓу Македонија и Софија. Оттогаш не е добиен одговор. Но, EUalive дозна дека во бугарскиот парламент се подготвува декларација, со која јасно ќе се стави до знаење дека какви било „креативни решенија“ ќе бидат отфрлени од Софија.Се очекува бугарските пратеници да изјават дека нема за што да се преговара, бидејќи прашањето демек не било билатерално – тоа во бугарскиот квази-наратив е врз основа на заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година.

На прашањето зошто Брисел веќе зборува со контрадикторни гласови кои не им одговараат на Бугарите, Бојко Ноев, поранешен дипломат и поранешен министер за одбрана во две влади, за EUalive изјави дека ставот на ЕУ усвоен во 2022 година наводно не ѝ се допаѓал на владата на националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски, бидејќи експлицитно ја истакнува потребата од уставни гаранции за некаква си рамноправност на македонските Бугари, заедно со сите други етнички групи таму (на последниот попис за Бугари се изјаснети „цели“ 250 души или 0,013 насто од жителите на Македонија).

Тој во натамошната изјава, фројдовски ја открива поентата на Бугарија и притисокот за имплементација на уставните измени: „Уставната еднаквост за Бугарите значи нивно право на свој јазик, култура, квоти во државната администрација и голем број други експлицитно регулирани права – како и за сите други,“ потсетил Ноев во разговорот за EUalive, типувајќи на десетиците илјади „економски“ авантуристи од Македонија со бугарски пасош за работа во ЕУ.

Ете, каде „лежел зајакот“, факт на кој веќе со години предупредуваат македонските познавачи и експерти.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека на тој начин за прв пат во историјата Европскиот Парламент во извештај ќе вклучува засебен многувековен македонски идентитет поврзан со нацијата и со македонскиот јазик чие гласање треба да биде во јули.

„Во Бугарија има Комитет во кој членуваат претставници на малцинствата Роми, Турци и Ерменци, а зарем ние Македонците кои имаме 14 пресуди во Судот за човекови права во Стразбур, не заслуживме место во тој комитет, а тие заслужија место во нашата Преамбула. Додека не видам таму Македонец кој е дел од тој комитет, а за тоа треба сите да работиме, нема ни милиметар да мрднам додека сум премиер на оваа влада“, изјави премиерот Мицкоски.

Извор: Курир