Скопје е најевтиниот европски главен град за „дигиталните преселници“, според „Нортон Фајнанс“. Македонската престолнина е опишана како туристичка дестинација што вреди да се посети пред сѐ поради неговите археолошки локалитети и уличната храна.

Пандемијата имаше трајно влијание врз начинот на којшто луѓето работат и патуваат, што е најочигледно во тоа колку работа се врши на интернет денес од дома, па можноста тоа да се прави од странство стана животен стил за многумина. Животот на дигиталните преселници во голема мера зависи од секторот каде работат, платата и флексибилноста на работното место и дали и колку тоа дозволува патувања.

Списокот земји што нудат визи за престој се зголемува, но секоја од нив има различни барања. Анализирајќи различни услови, кредитната компанија „Нортон фајнанс“ од Велика Британија спроведе истражување за најевтините европски главни градови за живот на „дигиталните преселници“.

Јавниот превоз, исто така, е една од причините зошто Скопје е така погодно за удобен живот, бидејќи месечниот билет за превоз во градот, на пр. е осум пати поевтин од оној во Лондон.

На место бр. 2 е Сараево, главен град на Босна и Херцеговина, а трет е Кишињев, во Молдавија. Следат Софија, Бугарија; Букурешт, Романија; Белград, Србија; Будимпешта, Унгарија; Варшава, Полска; Вилнус, Литванија и Рига во Латвија.

Стручњаците на компанијата ги процениле и рангирале земјите врз основа на просечните трошоци за домување, наем, комунални услуги, превоз, храна, вежбалници, интернет, како и трошоците за повратни летови од Британија.