Жителите на Велика Британија ја критикуваа главната новогодишна елка во земјата, која традиционално ја подарува Норвешка и се поставува на плоштадот Трафалгар во главниот град.
Оваа година дрвото со ретка крошна беше споредено со фризурата на британскиот премиер Борис Џонсон, пренесе Би-Би-Си.
Секоја година Норвешка им испраќа на Британците елка во знак на благодарност за поддршката на Велика Британија за време на Втората светска војна. Празничното дрво достигнува над 20 метри височина.
Меѓутоа, овојпат локалните жители го критикуваа изгледот на дрвото поради состојбата на крошната. Некои читатели сугерираа дека само дел од дрвото е доставено во Лондон и се прашуваат кога ќе бидат испорачани другите гранки. Учесниците во онлајн дискусиите се крајно креативни, па некои од коментарите што можат да се прочитаат се: „Да не зела Европската Унија дел од крошната?“, „И со Норвешка ли се скаравме?“, „Боже мој, дрвово да не е мамурно?“.
Од кабинетот на градоначалникот објаснија дека дрвото е донесено од вистинска шума, па затоа крошната не може да биде погуста како дрвјата што се одгледуваат специјално за празникот. На официјалниот профил на Твитер на дрвото се вели дека дел од крошната не исчезнал, туку едноставно во пандемијата на Ковид гранките мора да одржуваат и физичка дистанца.