Руски брод мразокршач, со екипаж од 33 члена, по грешка испрати повик за помош при бура кај западниот брег на Норвешка, соопшти руската Агенција за поморски и речен сообраќај.

Сите членови на посадата се добро, а мразокршачот не е во опасност и продолжил да плови по редовната рута.

– Нема проблеми, мразокршачот и екипажот се безбедни. Сигналот за опасност беше упатен случајно, поради тоа што дошло до нарушување на дел од опремата, и тоа поради прекин на електричната енергија за време на невремето, изјави гласноговорникот на руската Агенција.

Оттаму додаваат дека се работи за бродот „Тор” во сопственост на компанијата Росморпорт.

Норвешките спасувачки служби претходно известуваа дека на мразокршачот прво му откажал моторот, но потоа делумно успеал да ја врати способноста за маневрирање.