Малку беше „зелената“ такса на горива, па сега сакаат и „зелен“ данок од кои ќе осиромашува народот, а ќе се гоштева мафијата на власт, се вели во денешната реакција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Власта на Заев освен зелената такса од нови 4,13 денари за секој литар гориво, планира и нов зелен данок. Ова со зелената боја им е само прикривање на неспособноста поради која граѓаните мораат да плаќаат разни зелени давачки кои потоа власта на Заев или ги краде или безмилосно ги троши. Изгледа зелената такса на горивата, која всушност е кризен данок, не е доволна да го пополни недостигот на пари, па затоа сега се покачуваат даноци и се измислуваат нови кои ќе удрат по џебот на граѓанинот, кои ќе го дотепаат стопанството, кои ќе го доуништат стандардот и кои ќе ја зголемат сиромаштијата, се вели во соопштението.
Натаму во истото се додава:
-Поради досегашната погрешна економска политика на власта на Заев во Македонија има 6.200 затворени компании и 60.000 нови невработени за една година, бројот на сиромашни лица е околу 600 илјади, долгот достигна над 7 милијарди евра од кои 2,4 милијарди евра создадени само во последните 4 години, откако власт е Заев. За овие 4 години потрошени се историски највисоките буџети или вкупно скоро 15 милијарди евра а нема направено ништо. Реализацијата на капитални инвестиции цело време е катастрофална, а таква е и оваа 2021година кога за 6 месеци се реализирани само 27%. Парите одат на мебел, возила, партиски вработувања, дебели хонорари, наместени тендери и какви ли не други луксузирања на власта на Заев. Како да им беше малку ова до сега, па на народот му наметнуваат нови такси, даноци, арачи и давачки префарбани со зелена боја од кои граѓаните ќе осиромашуваат, а власта ќе се гоштева. Ова мора да престане. 4 години власт на Заев се 4 украдени години. Доста е со осиромашувањето на народот и богатењето на мафијата на власт!- се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.