Во Грција минатиот месец пристигнале 9.216 лица бегалци и мигранти согласно анализираните официјални податоци од грчката Влада што се објавуваат на дневна основа за ситуацијата на островите во источниот дел на Егејското Море што се наоѓаат во близина на турското крајбрежје, јави дописничката на МИА од Атина.
Оваа бројка е помала во споредба со септември кога беа регистрирани 10.596 нови пристигнувања на бегалци и мигранти.
Грчката Влада, секојдневно објавува статистика за нови пристигнувања на Лезбос, Самос, Хиос, Лерос, Кос и останатите острови (Родос, Карпатос, Фармакониси, Сими), како и за префрлувањето на бегалците и мигрантите во останатите делови на Грција, но и за враќањата во Турција врз основа на договорот ЕУ-Турција.
Според пресметаните податоци добиени на дневна основа, минатиот месец, односно од 1 до 31 октомври 2019 година биле регистрирани 9216 нови пристигнувања, а 4.959 баратели на азил од островите, со цел да се намали бројот на лица во прифатните центри биле преместени во други делови на Грција.
Во изминатиот месец не постоел ден, според истите податоци што ги анализираше МИА, а да не пристигнат нови чамци со бегалци и мигранти од Турција, додека во просек, дневно пристигнувале 297 лица.
Врз основа на Договорот ЕУ- Турција, од Грција во Турција, минатиот месец биле вратени само 36 лица.
Заклучно со 31 октомври, на грчките острови во близина на турското крајбрежје престојуваат 35.787 бегалци и мигранти, од кои најголемиот број 17.010 се на Лезбос.
Во прифатниот центар Мориа со капацитет од 2.840 лица, сместени се 14.766 бегалци и мигарнти.
На островот Самос, во прифатниот центар наменет за 648 лица, има 6.214 бегалци и мигранти.
Слична е состојбата и на другите острови. На Хиос капацитетот е за 1.014 лица, а сместени се 5.033, додека пак на Кос, во центар наменет за 816 луѓе, престојуваат 3.755 бегалци и мигранти.